Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска беше пречекан со погрешно знаме на официјалната церемонија на дочекот пред Владата. Место австриско, на јарболот до Курц имаше латвиско знаме.
Националниот симбол на Австрија има правоаголна форма и е поделено на три еднакви правоаголници. Знамето поставено пред Владата беше со помала ширина во делот на белата лента. Погрешно скроеното знаме го забележаа и новинарите од Австрија, кои ја следеа посетата на канцеларот Курц.
Австрискиот канцелар беше пречекан од премиерот Зоран Заев и министрите од Владата со највисоки почести. Тој на прес-конференција рече дека неговата држава е најважниот инвеститор за Македонија и изрази поддршка за референдумот. Според канцеларот, решението на спорот со името е голема шанса за Македонија да биде дел од Европската Унија.