8 Септември – Денот на независноста одбележан во Прилеп

Со полагање свежо цвеќе на Могилата на непобедените, Алејата на народните херои и споменикот „Жена борец“ во Паркот на револуцијата, на споменикот „Карпалак“, како и на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Пере Тошев и Ѓорче Петров, во Прилеп беше одбележан Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември.

 

Градоначалникот Илија Јованоски на сите граѓани им го честиташе празникот, но и ги повика на 30-ти септември да излезеле ии да гласале ЗА на референдумот.

 

„Следните 27 години после референдумот од 1991 година, имаше многу предизвици, ама нашите граѓани секогаш го избираа вистинскиот пат и начин на решавање на проблемите. Во овој временски период се развиваше државата, се развиваше општеството, се разви демократијата. Денеска сме горди на Илинден, на АСНОМ, на референдумот од 1991, но сега треба да го направиме последниот исчекор што следи во наредниот период. На 30-ти септември да излеземе и да гласаме за европска Македонија. Нека е за многу, честит да ни е 8.Септември“, рече градоначалникот Јованоски во своето обраќање од Паркот на револуцијата.

 

 

 

Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп, истакна дека,ако во 1991 година граѓаните на Македонија на референдум гласаа за сувереност и независност, на 30-ти септември ќе гласале за влез во ЕУ и НАТО.

 

„На сите граѓани на општина Прилеп им го честитам 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија. Ако во 1991 година Македонија на референдум гласаше за суверенитет и независност, сега на 30-ти септември 2018 година, Македонија ќе гласа за влез во ЕУ И НАТО. Да бидеме рамо до рамо со најмоќните држави во Европа и светот. Со тоа ќе го исполниме сонот на нашите предци, да имаме современа, независна и економски слободна Република Македонија“, потенцираше Талевски.

 

 

Претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, Круме Соколски, на младите генерации им порача да не ја заборават жртвата на илинденците и борците од НОБ, без кои немаше да ја имаме денешната слободна и независна Македонија.

 

„Прославувајќи го овој државен празник, се сеќаваме на денот пред 27 години, кога граѓаните на Македонија се изјаснија за самостојна и независна држава. Тој ден се исполни желбата на многу наши револуционери од минатото, преродбеници, комити, а благодарение на Народноослободителната борба и на партизаните, ние денеска имаме слободна, независна и демократска држава. Останува младите генерации да го почитуваат споменот на тие настани и никогаш да не заборават дека Прилеп во НОБ, но и во времето на преродбенското востание, дал славни родољуби и херои. Затоа, секогаш да го почитуваме овој празник, да ја почитуваме независноста на нашата држава, со сите институции, за еден подобар просперитет“, изјави Соколоски.

 

Покрај градоначалникот на општина Прилеп и претседателот на општинскиот Совет, цвеќе положија и претставници на Сојузот на борци, на политички партии и здруженија на граѓани.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи