Во тешка сообраќајна несреќа која се случила после полноќ на магистралниот пат Градско – Прилеп, животот го загубиле две лица.
Во 00.20 часот во близина на каменоломот кај с. Тројаци, патничко возило „Опел Астра“, управувано од О.И.(37) од Прилеп, изгубило контрола, удрило во заштитна ограда од мост и излетало од патот во провалија. Притоа, возачот О.И. и сопатникот Р.М. (56) од Прилеп починале на местото на настанот. Смрт била констатирана од екипа на Итна медицинска помош.
Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од Полициската станица Прилеп. За време на увидот, од 00.30 до 05.00 часот сообраќајот се одвивал со наизменично пропуштање на возилата.