Да не беа проектите започнати и реализирани во време на ВМРО-ДПМНЕ, СДС ќе немаше што да промовира пред граѓаните, бидејќи освен неработење и непотизам на широки врати, немаат што друго да понудат. Истакнаа на денешната прес конференција од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Новата градинка во ОУ „Рампо Левката“ на чие отворање присуствуваше и Мила Царовска е проект започнат во наше време. Потсетуваме дека оваа градинка требаше да почне со работа уште во октомври минатата година, но од непознати причини, непотребно се одолговлекуваше веројатно за некакви ситни политички поени.
Центарот за деца со церебрална парализа ќе биде во веќе постоечки објект, па така фалбите на Мила Царовска дека за само една година ќе отворале ваков Центар, со цел да ги убеди граѓаните да гласаат за погубниот договор со Грција, паѓаат во вода.
Во Европа не се оди без ниту една инвестиција. Граѓаните од Општина Прилеп и околните места работат во фабриките на Гентерм, ВИК, Акомпласт, изградени во наше време благодарение на политиките на тогашната влада за привлекување на странски инвестиции.
Во Европа не се оди со безидејност, без ниту еден свој проект, затоа што за да се реализира еден проект е потребен капацитет и заложба, нешто што очигледно го нема оваа владеачка гарнитура, како на централно, така и на локално ниво.
Пречистителната станица каде пред извесно време позираше премиерот Заев, градоначалникот Јованоски, претседателот на Совет Миле Талевски, е уште еден од низата значајни проекти за Прилеп, реализирани во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Европа не се оди со мизерни 11% реализација на капитални проекти. И наместо да ја замајуваат јавноста со промоција на готови проекти, обезбедени или реализирани од наше време, да ги засукаат ракавите и конечно да почнат да работат нешто свое кое го ветија во предизборната кампања. Како што има пари за некакви милионски тендери на најблиски соработници, новорегистрирани фирми, така мора да има средства и за нови проекти и инвестиции во нашиот град.
Македонија се сака со напредок, со инвестициски бум, а не со некакви штетни договори со кои се брише името, идентитетот и историјата на државата. Затоа оваа власт мора што побрзо да си замине, за доброто на Македонија. Ве уверуваме дека накрај Македонија ќе победи!“, велат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.