Сто милиони евра за кредити за малите и средни претпријатија

Facebook
Twitter
Email
Print

Нова кредитна линија од 100 милиони евра ќе се стави на располагање на малите и средни претпријатија, соопшти Владата. Парите се од Економската инвестициска банка, а ќе бидат распределни преку Македонската банка за поддршка на развојот и деловните банки.  За нив ќе може да се аплицира од средината на следниот месец.

 

Кредитната лини ќе биде достапна во наредните две години. Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

 

Договорот го потпишаа министерот за финансии, Драган Тевдовски, потпретседателот на Европската инвестициона банка (ЕИБ), Ендрју Мекдауел и директорот на Македонската банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски.

 

„Во моментот тие кредитни средства од претходните програми се пласираат од 5,5. Очекуваме овие кредитни средства, во зависност од цената по која ќе ги добиеме средствата, да се пласираат со околу 3,5 процентни поени“, појасни Мартиновски.

 

Пред потпишувањето на договорот, премиерот Заев на средбата со Мекдауел порача дека потпишувањето на овој договор значи силно охрабрување за нашата економија и домашните мали и средни претпријатија.

 

„Посебно поволен е фактот што откако заемите од оваа кредитна линија ќе бидат вратени, повторно ќе се пласираат како кредити во нашето стопанство. И оваа привилегија за Република Македонија на новата поволна кредитна линија е потврда за добрата кондиција и движење на македонската економија“, рече претседателот на Владата.

 

Мекдауел нагласи дека поддршката од ЕИБ ќе расте со напредокот на земјата во ЕУ интеграциите и дека овој договор е петтиот по ред од ваков тип потпишан помеѓу двете институции, со што вкупниот износ на финансирање од ЕИБ достигнува 450 милиони евра. Најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина во земјава.

 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски појасни дека дека малите и средни претпријатија претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија во земјава и учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%.

 

Освен овие пари, на компаниите достапни им се и средства од Буџетот во висина од 1,3 милијарда денари за поддршка и една милијарда денари за активни мерки за вработување.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи