Раководните лица во јавната администрација ќе се бираат преку транспарентна постапка и со јасни стандарди и критериуми кои ќе бидат прецизирани со нов Закон за висока раководна служба.
Законот ќе се однесува на високите раководни позиции како директори и секретари. Нема да се однесува на највисоките политички функции како што се министри и заменици-министри, како и на независните тела како што се Народниот правобранител или Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации.
Ќе биде формирана и Комисија која ќе ја врши селекцијата на кандидатите, а изборот на раководните лица ќе биде преку јавен оглас на кој ќе може да пријават граѓани со високо образование.
Раководните кадри ќе бидат оценувани една година по назначувањето и секои наредни две години.
Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ова е еден чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација.
„Македонија е прва земја од регионот којшто со започнување на оваа реформа се обврзува преку нов закон да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализација на адмнистрацијата што е една од главните цели на реформата во јавната администрација“, истакна Манчевски на денешната прес-конференција во Владата.
Во следниот период се планираат јавни дебати и консултации со граѓанскиот сектор и опозицијата околу подготвката на законот за висока раководна служба.