Реализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт и врски кај основниот буџет заклучно со август изнесува 63,25 проценти. Ресорниот министер Горан Сугарески очекува дополнително зајакнување на реализацијата во третиот и четвртиот квартал и прогнозира до крај на годинава да изнесува над 95 проценти.
Дел од процентот на реализација на капиталните инвестиции отпаѓа на сметката заеми, кај која, како што информираше Сугарески, клучен проблем е ставката гасификација поради запирените активности за изградба на гасоводот преку Водно. За таа ставка се алоцирани милијарда и 984 милиони денари, а се реализирани 8,6 проценти.
Како што велат од Министерството за транспорт, согласно сите студии, анализи, како и оценки на експертите, трасата преку Водно е најоптимална, а овој стратешки проект мора да продолжи. Потребно е откочување на работите, се привршува експропријацијата, а градежната оператива има капацитет да ги реализира планираните работи.
„Во изминатиот период имавме дебати, најавени се и нови од страна на Министерството за животна средина на кои многу јасно ги соопштуваме сите аргументи зошто гасификацијата односно гасоводот на Водно треба да продолжи, што значат финасиските средства, најважно од се што значи заштитата на животната средина и за сите други аргументи кои ги имаме зошто не треба да настане промена на трасата што е зацртана на Водно“, рече Сугарески на прес-конференција.
Прегледот на останатите ставки, покажува дека 84 проценти е реализацијата на капиталните дотации до општините од проектот „Декада на Ромите“ за изградба на инфраструктурни проекти, 65 проценти на проектот за железницата со редовно одржување на пругите на Коридорот 10, 40 проценти за изградба на канализациска мрежа за Сончев град и во Ѓорче Петров за каде се очекува до крај на годината исполнување на планираниот обем на работа.
Покрај гасификацијата и железницата дел од сметката заеми се и проектите за изградба на комунална инфраструктура преку КФВ банка, каде по тендерите што се очекува да бидат распишани месецов во вредност од седум милиони евра, се очекува реализација на дел од средствата кон крајот на годинава.
Сугарески информира и дека преку Министерството за подобрување на комуналната инфраструктира во наредниот период ќе бидат обезбедени 170 милиони евра од кои 70 милиони за изградба и санација на локалните патишта преку Светска банка. Покрај 13 милиони евра што општините се уште не ги искористиле од кредитната линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) за водоводна и канализациска мрежа, од истата банка за таа намена се преговара за уште 50 милиони евра. Дел од најавениот пакет се и 50-тина милиони евра со пренамена на парите што турски ТАВ требаше да ги инвестира во карго аеродром, а дел од буџетите на јавните претпријатија за водоводни и канализациски системи.
Анализите и посетите на терен, вели министерот, покажале дека локалните патишта, особено во Источниот регион се во лоша состојба. Се проценува дека се оштетени 1.000 километри патишта.