Практикантската работа ќе се уредува со закон – ќе биде платена

Facebook
Twitter
Email
Print

Можност младите да стекнат практично искуство во компаниите и за тоа да бидат платени, а тие, пак, да добијат кадар профилиран согласно нивните потреби, што ќе помогне во намалување на невработеноста кај овие лица, ќе овозможи законот за практиканство што го подготвува Владата.

 

Компаниите ќе може да ангажираат практиканти во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци на практикантите ќе им плаќаат до 5.000 денари, а од три до шест месеци минимална плата. За целиот период не се плаќаат придонеси. Претствници на компаниите сметаат дека законското решение е добро и оти ќе им помогне во истовреме и на младите за вработување и на компаниите да добијат соодветен кадар.

 

„Со овој закон сакаме да постигнеме од една страна младите да добијат сознанија што се потребите на економијата и компаниите, а ним, пак, да им се даде шанса и можност таквите млади лица да ги профилираат согласно потребите на реалната економија“, рече Анѓушев.

 

Додаде дека на ваков начин младите полесно ќе најдат работа, а компаниите, кои досега не ангажирале практиканти поради непостоење регулатива, ќе добијат кадар соодветен на нивните потреби.

 

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека практиканството и во европски и светски рамки дава добри резултати, како и оти и во Македонија се покажало како добра мерка, но оти не била законски регулирана. За прв пат во Македонија, рече се носи ваков закон.

 

„Од 2017 година од 902 млади лица вклучени во оваа програма за практиканство заклучно со 30 јуни 2018 се вработиле 445 лица или 50 проценти“, рече Царовска.

 

Потребата за законско регулирање на практиканството, рече, произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативни планови. Затоа, рече, сега на компаниите кои имаат средства им се дава законска можност да ангажираат практиканти.

 

„Со законот се утврдува како се регулира практиканството. Компанијата треба да има ментор кој има обврска да потпише за што тоа лице е квалификувано по завршувањето на практиканството. Дополнително компаниите ги плаќаат, ако издвојува средства таа вложува во него или ќе го задржи или ќе го подготви за на пазарот на труд во друга компанија“, рече Царовска.

 

Таа истакна дека пред тој да биде донесен се размислува дали како млади лица да се водат од 15 до 29 години, што рече е европска пракса, или границата да се подигне на 34 години, поради тоа што во Македонија е поролонгирана економска независност од примарното семејство.

 

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи смета дека ова законско решение ќе придонесе во регулација на односите. Тој не смета дека плаќањето на предвидените средства ќе претставува дополнително оптоварување за компаниите.

 

„Овој закон е во насока и заштита на правата на практикантите, ќе се применуваат одредби од трудовата регулатива, безбедноста и и здравје и работа ќе бидат основа, исто како и пренесување на знаење. Бенефитот на работодавачите е одреден вид предселекција на кадарот“, рече Бошков.

 

Законот ќе биде поставен на ЕНЕР и сите заинтересирани субјекти ќе може да го разгледаат и да дадат сигестии.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи