Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Руската Федерација и на Австралија во Република Македонија.
На предавањето на акредитивните писма од страна на Н.Е. г. Сергеј Баздникин, новоименуван амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека македонско – руските односи, кои имаат долга и богата традиција на искрено пријателство и меѓусебно разбирање, и натаму успешно ќе се развиваат и интензивираат во сите сфери од взаемен интерес.
„Национален интерес на Република Македонија се евроатлантските интеграции, но едновремено придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка. Оттука, очекуваме натамошно интензивирање на соработката, особено во делот на енергетиката, земјоделството, градежништвото и туризмот, како и инвестициските активности”, рече претседателот Иванов.
Рускиот амбасадор Баздникин подвлече дека повеќевековните историски и духовни врски, кои тесно ги поврзуваат народите на двете земји, станале цврста основа за градење на руско-македонската соработка, особено во сферите на трговско-економските и инвестициските врски како и во областа на културата, образованието, науката и спортот.
„Цврсто сум убеден дека сестраното продлабочување на партнерството меѓу Русија и Македонија целосно им одговара на исконските интереси на народите на нашите две земји, а и на цела Европа. Руската Федерација се залага за унапредување на соработката со Република Македонија врз принципите на рамноправност и заемна полза“, рече амбасадорот Баздникин.
Рускиот амбасадор оцени дека Република Македонија доживува клучен момент во својата историја и дека од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели ќе зависи иднината на Република Македонија.
„Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамки на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати однадвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на ООН, а не на политичката конјунктура“, порача амбасадорот Баздникин во својот говор.