ВМРО-ДПМНЕ денска во Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, за како што наведуваат, повик на поткуп при избори на јавен митинг во Крива Паланка.
Од партијата истакнуваат дека тоа е спротивно на чл. 160 и чл. 162 од Кривичниот законик и соопштуваат дека во склоп на кривичната пријава доставиле и видео материјал во кој се слуша како Заев јавно повикува на поткуп.
„На видеото се слуша како Зоран Заев јавно повикува на поткуп, се слуша дека признава, еден бизнисмен, односно сопственикот на „Минстрој“ веќе му ветил дека ќе ги награди работниците доколку излезат на претстојниот референдум. Целта ни е да докажеме дека никој не е над законот па ниту Зоран Заев“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Упатија и прашање до јавниот обвинител до каде е процедурата за поднесената кривична пријава против Зоран Заев, премиерот на Република Македонија, Никола Димитров министер за надворешни работи на Република Македонија, Талат Џафери претседател на Собранието на Република Македонија, Артан Груби претседател на Комисијата за европски прашања и уште 67 пратеници по 4 основи од Кривичниот законик и тоа велепредавство, загрозување на независноста, здружување заради непријателска дејност и злоупотреба на службена положба.