Трипати поголема социјална помош, како гарантиран минимален приход, за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година.
Согласно измените што ги презентираа денеска премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски, четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари.
„За повеќе од 70 отсто на корисниците на социјална помош зголемувањето е повеќе од 300 отсто или трипати повеќе од тоа што го добиваат сега. Започнуваме темелни реформи во ситемот на социјална и детска заштита. Се зголемува социјална парична помош и воведуваме минимален гарантиран приход. Целта е да се усогласи паричниот надоместок што го дава државата со потребите на граѓаните и да им помогнеме побрзо и полесно да излезат од сиромаштија“, рече Заев.
Тој додаде дека се олеснува и пристапот на детскиот додаток и се зголемува сумата. Се воведуват и нови додатоци за поддршка на деца од семејства во системот на социјална заштита и од семејства со ниски примања.
„Секое дете ни е поеднакво важно. Ако ја осигураме нивната иднина ќе ја осигураме и иднината на Република Македонија“, рече премиерот Заев.
Со олеснувањето на пристапот до детскиот додаток, ова право ќе можат да го остварат 73.500 деца, за разлика од сега кога детски додаток примаат 3.200 деца, а додатокот за образование ќе им биде достапен на 64.316 деца за разлика од сега кога го добиваат 3.800.
Министерката Царовска смета дека најважно за секоја држава е да инвестира во човечкиот потенцијал бидејќи, како што рече, единствено инвестирањето во луѓето може да одржи една нација.
„Токму тоа го правиме. Пренасочуваме средства кон граѓаните кои се во ризик, но треба да ги извлечеме преку нивно ангажирање на пазарот на труд, а на нивните деца да им дадеме шанса за образование и еднаков старт како сите останати деца од семејства со повисоки примања“, рече Царовска.
Не смета дека зголемувањето на социјалната парична помош, или т.н. гарантиран минимален приход, може да ги деактивира лицата од пазарот на труд, со оглед на тоа што сега минималната плата е околу 12.000 илјади денари, затоа што сега со реформата се овозможува семејство во кое има приходи од само една таква плата да добива и детски додаток и додаток за образование, со што вкупно ќе има околу 5.000 денари поголеми примања отколку оние со минимален гарантиран приход.
Како заштитна мерка планирано е и доколку тие што ќе бидат прекфалификувани и доквалификувани согласно пазарот на труд два пати одбијат понудена работа да го изгуват правото на гарантиран минимален приход.
„Ќе се работи и на нивна прекфалификација и докфалификација за да може преку оперативаен план да бидат вратени на пазарот на трудот. По преквалификација и доквалификација ќе им бид понудена работа и ако двапати ја одбијат помошта ќе им биде скратена“, рече Царовска.
Премиерот Заев дополни дека државата сака да издвои средства, но, како што рече, тие да одат кај луѓе на кои им е потребно.
Министерот за финансии Тевдовски појасни дека за спроведување на овие реформи за идната година се издвоени 2,2 милијарди денари.
Со зголемување на средствата, рече, сакаме да обезбедиме доволно за сиромашните граѓани и ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца, од една страна, а од друга да се обезбеди можност тие да се извлечат од кругот на сиромаштија.