Бројот на пациенти со ментални растројства е постојано во пораст. На врвот на листата е депресијата, а годишно бројката на прегледани во амбулантите е 15.000. Во пораст се и растројствата кај децата.
Ова го наведе денеска на заедничката прес-конференција со министерот за здраство Венко Филиплче, директорот на Универзитетската клиника за психијатрија Стојан Бајрактаров кој ја презентираше новата Стратегија за унапредување на менталното здравје во Република Македонија, а со која најавува подобрување на состојбите и воведување нова генерација лекови и следење европски трендови.
„Во моментов користењето нови лекови не се најдостапни. Има само еден лек од новата генерација што го користиме и за уште еден лек чекаме одобрение од Фондот за здравствено осигурување“, истакна Бајрактаров.
Тој потенцира дека успеваат да ги покријат сите пациенти, но оти имаат потреба од персонал. Информира дека примиле двајца нови доктори и оти имаат дозвола и за вработување на сестри.
Очекува да се подобри состојбата со реализација на стратегијата која предвидува отворање на центри. Според стратегијата треба да има еден центар на население од 80 до 100 илјади. Во моментов како што рече има пет – шест центри.
Во стратегијата стои дека сегашниот систем за ментално здравје се карактеризира со застарен модел на хоспитален систем со психијатриски болници што се во незадоволителна состојба и лоши материјални услови, со недостаток на амбулантски услуги во заедницата, малку алтернативи на болничко лекување, недостаток на програми за промоција, превенција и рехабилитација, можности за лица со ментални болести да живеат и да се вклучт во заедницата.
Податоците покажуваат дека во светот повеќе од 450 милиони лица страдаат од ментални нарушувања. СЗО проценува дека околу 151 милион лица страдаат од депресија, 26 милиони од шизофренија, а 125 милиони се соочуваат со растројства поврзани со употреба на алкохол.