Во 1991 година македонскиот народ на референдум се изјасни за самостојна, независна, суверена Република Македонија. Преку тогашниот референдум, Македонецот продолжи да чекори по патот кој го трасираа великаните во минатото, почнувајќи од периодот пред Илинденското, после Илинденското востание, па се до АСНОМ и поставувањето на тогашните темели на македонската држава. Истакна на денешната прес конференција Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренеусваме во целост.
„Се наоѓаме на неколку дена пред Референдум на кој актуелната власт во државава поставува прашање кое истовремено е сложено, манипулативно прашање, спротивно на закон, со кое граѓаните на Република Македонија свесно се носат во заблуда, подло се носат во ситуација да се самоукинат.
Влезот во НАТО и ЕУ е нешто кое сите го посакуваме. Но факт е дека прифаќањето на договорот со Грција нема да не внесе ниту во НАТО, ниту до ЕУ. Впрочем, за стапување во некаков сојуз, потребен е и задолжителен референдум. Токму поради фактот што овој референдум е само за смена на име и идентитет, референдумот е консултативен.
Патот до ЕУ и НАТО е подолг и е поплочен со многу реформи, подобрување на стандардот, нови фабрики, нови инвестиции во образованието, здравството, реформи во правото, здрава економија, нешта за кои моменталната влада досега се покажа како неспособна.
На престојниот референдум затскривајќи се зад превезот на НАТО и ЕУ, СДСМ и Зоран Заев го носат македонскиот народ во ситуација сам себе да се избрише.
Прашањето кое е пред нас е недостоинствено. Името на државата Република Македонија и нашиот идентитет немаат цена и не се на продажба!
Договорот е крајно капитулантски. Со истиот имаме смена на институционалниот идентитет.
Договорот не е добрососедски затоа што Грција и понатаму го задржува правото да става вето, иако со договорот ние отстапуваме од се. Со договорот не сме повеќе Македонци, туку стануваме граѓани на некој нова творевина Северна Македонија, кои ќе мора да ги променуваат сите официјални документи на сопствен трошок.
Јазикот кој Заев и Димитров го потенцираат како единствена придобивка гледајќи го во очи народот, го лажат. Јазикот е препознат како автентичен и признат уште во 1977 година од ООН.
Со договорот Македонија се откажува од македонското малцинство во Грција. Децата бегалци од Егејска Македонија, а и сите граѓани на нашата држава со овој референдум ќе го избришат нивното потекло и нивните предци. Тие веќе нема да се дел од овој народ. Со договорот на Заев се брише цела наша историја, традиција и култура. Стануваме странци во својата држава.
И за крај сметам дека прифаќањето на овој капитулантски договор преку референдум не е ништо друго освен скапо платен обид да се префрли одговорноста и вината од штетните преговори и политики на Заев и неговата влада, врз грбот на народот. Македонци, браќа и сестри, не подлегнувајте под притисоците и заканите. Не подлегнувајте пред лажните ветувања за вработувања или некаков личен бенефит, затоа што овој референдум е само за обезличување и виткање на кичмата на Македонецот.
Се обраќам и на сите вработени во државните и локалните институции во Прилеп. Не подлегнувајте под заканите на луѓето кои за фотеља си ја продаваат државата. Никој не може ништо да ви направи. Својот неуспех го прикриваат со сеење страв. Државата пред се.
Држете ја гордо и високо главата, постапете мудро и достоинствено и верувајте дека Македонија ќе победи, како што верувам и јас!
Јас сум Македонец, граѓанин на Република Македонија, со македонско државјанство, кој го говори македонскиот јазик и сигурен сум оти заедно ќе се избориме така да остане“, истакна Ристески.