Време е за одлука. Време е да изградиме држава по европски правила. Не можеме и не смееме да чекаме уште 27 години. Европа ни ги отвора вратите да бидеме дел од европското семејство, како Македонци, со заштите македонски јазик и идентитет. Истакна на денешната прес конференција пратеничката од редовите на СДСМ, Кети Смилеска.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Сега е нашата шанса да го спречиме иселувањето на младите со пасоши на туѓите држави. Сега е шансата да ја донесеме Европа тука, во Македонија, во Прилеп. Нашите европски пријатели одделуваат 90 милиони евра годишно помош за Македонија. Како што ќе течат преговорите со Европската Унија, така ќе расте поддршката, фондовите значително ќе се зголемуваат.
Тоа значи повеќе пари за земјоделието, за инфраструктура, за патишта, за железници, за училишта. Повеќе европски пари за реформи во правосудството, во полицијата. Македонија ќе биде држава по европски стандарди, рамноправна со најмоќните држави членки на НАТО и ЕУ.
Драги прилепчани, патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на која граѓаните се горди, притоа не штедејќи се себе си. Затоа силно веруваме во успехот на референдумот, затоа што си ја сакаме Македонија и сакаме подобра иднина за нашите деца, внуци и поколенија.
После референдумот, пратениците во Собранието треба да ја почитуваат одлуката на мнозинството од граѓаните кои гласале. Затоа секој граѓанин треба да излезе, да гласа и со тоа да одлучува за иднината на Македонија.
На 30 септември да ја искористиме историската шанса и да обезбедиме стабилна, безбедна и развиена европска Македонија“, истакна Смилеска.