ВИДЕО – Заев : Ајде конечно да бидеме со сите во светот и никогаш повеќе сами на светот, иднината е во наши раце

Навистина одлуката е историска и навистина се работи за иднината на нашите деца, на генерациите кои што доаѓаат после нас, за нашата Македонија. Затоа што преку оваа одлука, ние уште еднаш ќе потврдиме дека се носиме со одлучноста на нашите предци и одлуката што ја донесоа овде во Прилеп, на 11 октомври 1941 година и тргнаа нашите да се борат за слобода, за своја земја, за самостојност, за демократија. Истакна на вечерашниот собир во Прилеп, премиерот Зоран Заев. Според Заев истото ова предците го правеле во 1903 година во Крушевската република и Илинденското востание, а истото се случило и на 8 септември 1991, кога македонскиот народ одлучуваше на референдум за независноста на Македонија.

 

 

„Ајде почитувани прилепчани, почитувани граѓани на Македонија, да му докажеме на целиот пријателски свет дека го заслужуваме пријателството, дека заслужуваме да бидеме членка на НАТО и на ЕУ. Ајде и оваа генерација наши Македонци и граѓани на Македонија да ја пишува во книгите како се одважила и за нас да зборуваат деца, внуци, правнуци, како сме донеле вистинска одлука. Секогаш Македонија знаела да носи вистински одлуки и така се движела напред. Овој пат, почитувани прилепчани, мораме да ја осигураме, да ја обезбедиме независноста на нашата земја и конечно да бидеме со сите во светот и никогаш повеќе сами на светот. Точно е дека направивме компромис, јас знам дека на сите ни лежи некоја грутка во градите, затоа што треба да додадеме географска одредница на нашето име, но зарем не знаеме сите дека од таа историска Македонија, ние сме северниот, горниот дел. Зарем не не учеа татковци и дедовци дека постои Егејска Македонија, но постои до денес. Дека постои Пиринска Македонија, дека има една Мала Преспа, таму во Албанија каде живеат Македонци. Затоа почитувани граѓани направивме фер компромис и дојдовме до праведно решение. Јас ве уверувам дека подобар договор не можело, ниту може да се направи. Ако можело, последните 11 години ќе бил направен. И не само тоа, ова фер и праведно решение навистина гради пријателство и со нашиот јужен сосед, кое што е голема работа сама по себе, иако ги отвори истовремено и вратите на НАТО и ЕУ. Затоа што ова решение е нешто за кое што се бореле нашите татковци, дедовци, прадедовци, за кое животи полагале, крв лиеле“, истакна Заев.

 

Заев истакна дека конечно сега сме имале земја признаена од сите, од целиот свет и никогаш повеќе никој немало да ја оспорува Македонија.

 

„Никогаш повеќе нема да наведнуваме глави, никогаш повеќе нема да се срамиме со ФИРОМ пред нашите спортисти, пред нашите репрезенти, каде и да одат во светот. Добивме земја признаена од сите, од целиот свет, во која што живее македонски народ признаен од целиот свет, кој што зборува македонски јазик признаен од целиот свет. Ги остваривме вековните аспирации на нашите татковци и дедовци. Затоа почитувани пријатели, ова нема да ни се повтори. Ова е шанса која што не смееме да ја пропуштиме. Да, направивме компромис, но компромисот го движи светот, компромисот мрда од мртва точка, движи се. Компромиси правиме сите, секој ден“, додаде Заев.

 

 

 

 

Премиерот истакна дека ова било една од најважните одлуки кои што се носени во Македонија воопшто.

 

„Ја имаме честа токму нашата генерација и за оваа одлука редот е да застанеме сите, сплотени. Ни кажуваат граѓаните, на нас политичарите, а сигурно и на вас сограѓаните, дека сакаат еднаш да не видат сите политичари застанати заедно, за нешто што е вредно, за нешто што е родољубиво, татковинско, затоа ја користам приликата на секое мое обраќање, да се обратам до сите неопределени граѓани, до сите оние кои што се уште немаат одлука, вклучително и до опозицијата. И овде, од херојски Прилеп, редот е да се обратам до опозицијата и ќе кажам, пријателе Мицкоски, почитувани сограѓани, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, се работи за нашата заедничка Македонија, знаете и вие дека подобар договор не може да се постигне, ниту можело да се постигне. Знаете и вие дека сите заедно сме за ЕУ и НАТО, но знаете почитувани мои сограѓани, дека се работи и за иднината на Македонија и за иднината на вашите деца и за моите деца, за нашите деца. Се работи за иднината на нашите наредни генерации“, кажа Заев.

 

Заев рече дека жали што претседателот Иванов се одлучи на бојкот, затоа што ова било шанса која ние како општетство не сме смееле да ја пропуштиме. Тој уште еднаш ги потенцираше предностите од влезот во ЕУ и НАТО, како што се загарантираната безбедност на земјата, зголемениот обем на ЕУ фондови, повисоките плати, влезот на нови странски инвестииции…

 

Според Заев најголемиот патриотски чин во моментов било да се излезе ии на 30 септември да се гласа ЗА.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien