Во преполната сала на домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вчера, училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ ја имаше својата најнова завршна претстава на средна А и средна Б група, комедијата „Женско Царство“. Претствата е работена по мотиви на народната приказна од Стефан Лазаров Костов, каде под некој религиски сплет на околности двајца светци се кладат дека доколку се променат улогите на половите дека ќе биде поубаво на земјата. Во едно малечко село се прави оваа проба и настанува еден општ хаос, каде жените како што ја добиваат власта така го губат умот. Низ целата претстава се провлекува и една интересна љубовна приказна.
„Всушност првата претстава на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ пред околу 11 години беше „Женско царство“. Потоа повторно ја возобновивме со мали измени и адаптации. И сега овој пат ја поставуваме со најнова генерација на актери, со нов концепт, нова сценографија, целосно нова визура и гледање на претставата бидејќи како што минуваат годините така и ние созреваме и го менуваме погледот на светот. Инаку идејата за оваа претстава е да им покажеме на прилепчани дека оваа генерација на актери што допрва треба да дојде и да се покаже на сцената, дека можат да работат претстави од секаков вид и начин на изведба“, истакна Саша Нацевски од училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.
ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ЦЕЛАТА ПРЕТСТАВА „ЖЕНСКО ЦАРСТВО“.