Специјалното јавно обвинителство во своите заврши зборови во судскот процес за набавката на блиндираниот мерцедес побара осудителна пресуда за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за делото злоупотреба на службата положба и овластувања.
Осудителна пресуда за ова дело би значела затворска казна бидејќи според Кривичниот законик на Република Македонија, за ова дело не е предвидена условна или парична казна.
„Сметаме дека во дејствијата на обвинетата се содржани обележјата на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи истата била свесна за делото и го сакала. Со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски незаконски да постапи и да фаворизира економски оператор за набавка на конкретното возило“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.
При одмерување на казната таа побара судот да ги има предвид отежнителните и олеснителните околности. Отежнителни како што наведе Фетаи е степенот на кривичната одговорност бидејќи делото е направено додека Јанкулоска била на функција. Како единствена олеснителна околност од СЈО ја посочија семејната положба.
Екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска побара ослободителна пресуда во случајот за набавката на блиндираниот мерцедес.
„Во ниту еден момент кај мене не постоела умисла за да поттикнам некого да се набави блиндирано патничко моторно возило со фаворизирање на економски оператор. Додека бев на функцијата министер со чиста совест тврдам дека работев согласно закон, ниту сум влијаела, ниту сум потпаѓала под нечие влијание. Не сум учествувала во јавната набавка за која ме терети СЈО, со истата се запознав во текот на оваа судска постапка“, рече Јанкулоска.
Сепак, Јанкулоска рече дека кај неа како обвинета постои страв од пристрасност на мнозинството од судечкиот совет кој го води овој предмет, а со кој претседава судијката Добрила Кацарска. Една од причините за ваквиот страв е динамиката со која се одржувале рочиштата.
„Инсистирањето да се донесе пресуда во експресно брз рок, иако имам законско право на породилно отсуство за да се грижам за дете, кое имаше два месеци на почетокот, односно три месеци на крајот на оваа постапка. Ова отсуство беше прекинато со закажување на вообичаено интензивна динамика на рочиштата“, рече Јанкулоска во солзи.
Екс министерката ги отфрли обвинувањата на СЈО кои личеле на тези на политичка партија, а не на обвинителство. Како министерка, кажа дека работела совесно и согласно законот и оти никогаш не влијаела на никого.