Во периодот од 16.09 до 22.09.2018 година се реализираше уште еден проект од програмата Еразмус+ во Торино, Италија, каде група од четири ученички и две професорки од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп ги споделија своите вештини и стекнаа нови искуства со проектот „Наследството од минатото, искуството од сегашноста и ветувањето на иднината” (“Heritage of the past, experience of the present and promise of the future”).
„Домаќините од училиштето во Торино гостопримливо и љубезно ја пречекаа нашата група. За време на таа една недела, нашите ученици запознаа дел од италијанската култура, посетија многу од убавините на градот Торино и вкусија многу од италијанските специјалитети припремени од страна да домаќините. Кампот за мигранти во Сетимо во непосредна близина на Торино беше едно ново искуство за учениците каде тие се запознаа со нивните животни приказни, ја увидоа великодушноста на Црвениот крст кој во тој регион им дава надеж за живот, имаа можност да видат што се се прави за нивна интеграција во општеството и имаа прилика да направат интервју со некои од мигрантите од Азија и Африка“, велат од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.
Во училиштето на работилниците биле презентирани постери за стереотипите на населението од различни држави, интервјуа со мигранти, видео презентации за занаети, за традиционални танци и познати ликови од минатото.
„Во текот на работилниците, посетите на музеите, прошетките низ прекрасниот град Торино колегијалноста меѓу групите без сомнение ја зголеми дружбата меѓу учениците, а со тоа се склопија пријателства кои ќе траат долго време и покрај големата оддалеченост“, додаваат од СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.