Јанкулоска доби шест години затвор за случајот „Тенк“

Facebook
Twitter
Email
Print

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска доби казна од 6 години затвор во предметот „Тенк“ на СЈО за набавка на луксузниот мерцедес. Обвинетата Јанкулоска е виновна  за злоупотреба на службена должност и овластување, рече судијката Добрила Кацарска.

 

„ Неспорно е дека е набавено патничко моторно возило ‘мерцедес гард‘. Обвинетата Јанкулоска знаела дека се работи за исклучително скапо возило, а заедно со  Ѓоко Поповски преземале дејствија за да му ја исполнат желбата на сега осудениот Никола Груевски. Аудио снимките покажаа дека се бара луксузен пакет на опрема“, рече Кацарска.

 

Јанкулоска, како што рече Кацарска, со умисла го поттикнала сега осудениот Поповски да стори кривично дело.

 

Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкулоска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на тогашниот премиер Груевски.

 

„Обвинетата Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службена должност, бидејќи таа била свесна за своето дело и го сакала спроведувањето. Предлагаме Судот да ги земе како отежнувачка околност степенот на одговорност, а како олеснителна околност семејната состојба“, рече Фатиме.

 

Фетаи рече дека според висината на казната има основа СЈО да бара и мерка притвор, но со оглед на семејната ситуација, односно фактот што има бебе кое не е виновно за постапките на родителот, побара судот да ѝ изрече на Јанкулоска забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште.

 

Јанкулоска и нејзините адвокати ги отфрлија обвинувањата од СЈО. Јанкулоска пред судот тврдеше дека во целиот нејзин мандат како министерка за надворешни работи работела совесно и согласно законот и оти не потпаѓала под нечие влијание, као и дека таа никогаш не влијаела врз други да направат нешто противзаконски.

 

„Во ниту еден момент во мене не постоела умисла да поттикнам некого за набавка на возило. Како министер никогаш и на никого не сум вршела притисок и ниту сум потпаднала под нечиј притисок. Судот во однос на мене треба да донесе ослободителна пресуда“, рече Јануколоска.

 

Според првостепената пресуда, Јанкулоска треба да плати и 323.841 денари судски трошоци.

 

Со оглед на фактот што одлуката на судот за затворската казна која е изречена не е правосилна, Јанкулоска има рок од 15 дена од нејзиното изготвување да поднесе жалба на одлуката до второстепениот суд.

 

Инаку денешната е прва пресуда против Јанкулоска, а таа е обвинета и во уште два други предмети на СЈО. Во случајот „Титаник“ кој е поврзан со изборни нерегуларности, како и во „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на незаконско уништување на два системи за прислушување во МВР и незаконско (без судска наредба) следење на комуникациите на над 5.000 телефонски броеви.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи