Со положување на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Алејата на Великаните и Могилата на Непобедените денеска во Прилеп продолжи одбележувањето на 77 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистите на 11 октомври 1941 година. Од организацијата на борци на Прилеп порачаа секогаш да се достојна почит да се сеќаваме на ликот и делото на паднатите борци во НОБ.
„Нашиот сојуз на борци е меѓу најактивните во Република Македонија, не случајно затоа што наоѓајќи се овде на Могилата на непобедените и пред статуите на нашите партизански бригади, се сеќаваме на минатото. Ние повозрасните добро се сеќаваме на фашистичката окупација и на почетокот на народното востание 11 октомври 1941 година. Прилеп и неговите граѓани, населението и околината покажаа 1941 година дека не се согласуваат со поробувањето, со робството. Како секогаш што бил градот Прилеп непокорен и многу дејци, преродбеници и Ѓорче Петров и Пере Тошев биле на страната на народот за ослободување од ропството и за формирање на слободната држава. Овде јас сум на оваа Могила и емоционално поврзан, бидејќи 5 мина партизани од мојата фамилија загинаа и тука се, така да мислам младите генерации секогаш треба да имаат инспирација за патриотизам, за своите активности да ги насочуваат кон добро за нашата држава, да секогаш имаме почит кон овие храбри борци кои нежалејќи ја својата младост ги дадоа своите животи за слобода и за независна држава Македонија. Заслужуваат вечна почит и благодарност и младите генерации својот патриотизам, својата насоченост да бидат врз основа на патриотизмот и храбрите борци партизани“, истакна Круме Соколоски, претседател на организација на борци Прилеп.
Инаку над 8.000 прилепчани учествувале во НОБ, 2.700 од нив директно со оружје во рака, а 650 загинале. Од 66 народни херои кои ги има Македонија, 15 се од Прилеп.
„Денес се навршуваат 77 години од народното востание, од востанието што го почнаа нашите борци од Прилеп, на 11 октомври 1941 година. Во знак на тоа Прилеп има добиено признание Град херој, кој што во 1975 година го додели Јосип Броз Тито во тогашна СФРЈ. Прилеп одговори на она што му следуваше, Прилеп е град на непокорот, Прилеп е град на пркосот и понатаму тоа се одвива и во натамошниот период. Сега имаме достоинствени прилепчани, достоинствени граѓани на Прилеп и секогаш во иднина тоа ќе го почитуваат, ќе ја почитуваме НОБ и се она што се придоби од истата. Во оваа прилика сакам да им честитам на сите граѓани на Република Македонија 11 Октомври, денот на востанието. Нека е честит и вековит овој празник“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека 11 Октомври е еден од најсветлите датуми во македонската историја, симбол на вековната борба на Македонциите за своја сопствена држава.
„Ми претставува особена чест денеска, што во името на Владата, заедно со моите колеги имав чест да оддадам почит на борците и на сите учесници на празникот 11 Октомври, кој што преставува еден од најсветлите датуми на македонската историја. Тоа е датум кој што преставува непокор на македонскиот народ, кој што е симбол на револуцинерната борба за своја држава и за свој идентитет. Денеска сме исправени повторно пред слични моменти, кога доколку во 1941 година 11 октомври бил датум за борба против фашизмот, денеска имаме нови предизвици како македонска држава, предизвиците се да се биде член на НАТО и ЕУ, каде што се нуди стабилност и безбедност за нашиот народ. Сакам уште еднаш да потенцирам дека македонскиот народ секогаш бил на правата страна на историјата, македонскиот народ секогаш бил и знаел да препознае кој е просперитет. Се надевам дека во овие судбоносни моменти на Република Македонија ќе го направиме истото и ќе тргнеме по правиот пат“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер.
Инаку годинава за прв пат во историјата, градовите Прилеп и Куманово, каде пукнала првата пушка, заедно го прославуваат 11 Октомври.