Премиерот Зоран Заев образложувајќи го предлогот ги повика пратениците да гласаат за уставните измени, наведувајќи дека во спротивно државата ќе влезе во неизвесност. Тој исто така рече дека поделеноста во државата е навлезена во секоја пора, велејќи дека е потребно помирување во општеството.
Заев оцени дека пред народните избраници е важна задача и порача дека за настаните од 27 април треба да има помирување меѓу инволвираните страни.
„Ајде да си простиме, прв чекор нека биде 27 април. Тогаш, сите бевме можна мета од изманипулирани поединци, па сега е одлична прилика, застанувајќи заедно за иднината на Македонија и нашите деца, да ги простиме и да се помириме. Десната страна нека понуди рака на левата страна во Собранието. Дајте да се помириме за 27 април. Јас сум подготвен за ова да платам политичка цена. Нема иднина ако ние сами не си простиме. Оваа одлука ја очекуваат сите граѓани на Македонија. Да и покажеме на Европа дека имаме заеднички интерес“, кажа Заев.
Премиерот апелираше пратениците да ја извршат својата должност и да одлучат по нивното сопствено убедување, истакнувајќи дека единствениот пат за Македонија е тој кон НАТО и ЕУ и дека не може да има подобар договор со Грција од Преспанскиот.
„Сите знаеме дека единствениот пат за Македонија е во ЕУ и НАТО, сите знаеме дека оваа шанса не смее да ја пропуштиме. Таа е во согласност со одлуката на народот кој сака членство во ЕУ и НАТО“, рече Заев и додаде дека ова е единствениот пат за мир, стабилност и економски просперитет.