Дали градоначалникот Јованоски и директорот на детските градинки можат да ја гарантираат безбедноста на децата во градинките во Прилеп, со оглед на фактот што техничкиот персонал постојано се намалува, а примени се голем број на нови деца? Секојдневните притисоци и мобинг врз вработените, како и хаосот во градинките негативно се одразува врз развојот на децата, обвинија денес на прес конференција од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
СДСМ во досегашното владеење како на централно така и на локално ниво покажа дека освен хаос нема што да им понуди друго на граѓаните. Колку за потсетување во наше време инвестиравме во градинки и нов капацитет, па така беа отворени групи во ново адаптирани простории во неколку села како Тополчани, Беровци, Канатларци, Големо Коњари, објект во Општина Кривогаштани и нов адаптиран објект во состав на Работнички универзитет.
На овој начин се зголеми капацитетот за околу 300 нови места за престој на деца од предучилишна возраст. Исто така потсетуваме дека на сегашната локална власт и беше оставен од наше време речиси целосно адаптиран објект во состав на ООУ Рампо Левката со средства обезбедени од МТСП, за чиј објект сегашната локалната самоуправа си ги препиша заслугите сама на себе. Моменталниот градоначалник, во улога на советник при Општина Прилеп кога на седниците се разгледуваше одлука за прием на поголем број деца во групите, беше против, со барање за преиспитување на гаранцијата за безбедност на децата. Сега од улога на градоначалник нема ништо против ваквите одлуки, иако изјавата на директорот оди во насока дека е извршен прием на 1420 деца (што е за околу 250 до 300 деца повеќе од минатата година).
Прашуваме дали сега од една поинаква позиција може градоначалниот Јованоски и директорот, да ја гарантираат безбедноста на овие деца во градинките?
Исто така прашуваме, дали директорот самоиницијативно или во соработка со градоначалникот го намалува бројот на технички персонал (хигиеничари) и покрај огромниот број на примени деца (за кои патем нема побарано согласност од Општина Прилеп и покрај неговата законска обврска)?
Токму хигиеничарките се тие кои се грижат за чистотата во објектите, и истите не треба да бидат прераспределени на работни места како градинар, или секретарка на директорот.
Дали В.Д Директорот, поставува раководители со средно образование кои не работат во воспитни групи, а на нивно место се ангажираат лица преку проект, без соодветна лиценца која се бара согласно закон?
Вработените секојдневно се жалат дека во градинките владее хаос, се врши мобинг, притисоци и сето тоа оди на штета на правилен развој на децата. Затоа оваа власт мора што поскоро да заврши. Затоа што ваквиот експериментален, несериозен начин на работа се одразува негативно како за децата, така и за нивните родители!