Дваесет години од преосветувањето на Бигорскиот храм

Facebook
Twitter
Email
Print

Бигорската обител одбележа 20 години од свеченото преосветување на бигорскиот храм на Чесниот Претеча и Крстител Јован.

 

Настанот се случи 1998 година, три години по почетокот на обновата на монашкиот живот во Бигорски, кога во летото 1995 година, со одлука на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, дошле првите членови на Обителта, Архимандрит Партениј и отец Иларион (сегашен Митрополит Брегалнички).

 

„Тогаш конечно настапило времето да биде преосветен стариот Претечев храм, осквернет во времето на атеистичкиот режим, кога во него извесно време се чувале животни, а била прекопана дури и самата Света Трпеза. На торжествениот чин на преосветувањето, му претходела долготрајна и макотрпна работа на младиот игумен и неговото малечко братство: овозможување на основни услови за живот во до пола распаднатите конаци, расчистување на големиот смет низ манастирот, обновување на секојдневниот богослужбен циклус, чистење, заштита и благоукрасување на запоставениот храм. И ете, после сиот тој подвиг дошол и часот за ново осветување на немиот, а сепак, громогласен споменик на верата на нашите предци“, вели отец Кирил од Бигорскиот манастир.

 

На овој голем настан, додава тој, манастирот бил исполнет со верници од сите краишта на Македонија, во молитвена атмосфера, достојна за таквиот чин.

 

Во повелбата што била поставена во Светиот Престол, меѓу другото стои запишано: „Овој свет чин е извршен откако манастирот е вратен на Македонската православна црква од страна на државата во 1991 година, поради неговото обесветување во минатиот период“.

 

„Во својата проповед на преосветувањето, Митрополитот Брегалнички г. Стефан, меѓу другото, истакнал дека под водството на духовниците – игумени Митрофан, Арсениј, Јоаким и други, кои биле ктитори на овој прекрасен манастирски комплекс, на старите темели кои датираат од првите години на 11-от век, верниот народ го градел овој веќе надалеку познат Бигорски Манастир. И навистина, овде е собрана сета мајсторска вештина и убавина на вредните тајфи од Гари, Тресонче, Лазарополе, Галичник, Битуше, Дебар и други места, кои надалеку го прославиле овој крај“, додава отец Кирил.

 

Според него, печатот на светиот престол го поставил Митрополитот г. Тимотеј, кој на крајот од своето пригодно слово му се заблагодарил на високопречесниот архимандрит Партениј со братството за вложениот огромен труд за да заживее ова наше светилиште.

 

Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин, посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи