Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили вредни 33 милиони евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност, покажува базата на податоци што ја изработи Центарот за граѓански комуникации.

 

Според оваа база на податоци, Министерствата поседуваат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.

Притоа, МВР  поседува 1.559 возила или 70 отсто од вкупниот број на возилата на министерствата, по што следува одбрана со 142 возила и земјоделство со 108 возила.

 

Што се однесува до општините, пак, предничи Град Скопје со 36 возила, па следува Карпош со 16, Кичево со 14 возила итн.

 

Во однос на марките на возила, и централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд.

 

Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).

 

Просечна цена на купените патнички возила, пак, е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините, а просечна старост на возилата е 12,5 години. Најмлад возен парк имаат министерствата за локална самоуправа и за животна средина, во просек по 8,5 години, додека најстари возила имаат министерствата за правда и за информатичко општество, просечно по 16 години.

 

Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамки на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

 

Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи