ВИДЕО – Синдикатите во Македонија не функционираат или ги нема, се кршат работничките права, а државата глува за проблемите

Иако регулирани со устав и закон работничките права во Македонија, се уште во одреден дел наголемо се кршат. Особено во делот на минималната плата и К-15 каде дел од овие примања некои работници на рака им ги враќаат на газдите, правата се кршат и при прекувремената работа и годишните одмори. Никој не ги заштитува работниците. Проблемот се гледа во тоа што цели гранки како текстилната и кожарската индустрија, земјоделскиот и градежниот сектор, како и новите странски инвестиции се без комплетно без синкати, а и таму каде што ги има синдикатите не функционираат. Дел од синдикалците велат дека државата е инертна во решавањето на проблемите на работниците.

 

 

 

 

„Едно од многу важните прашања за ваквата состојба е прашањето околу вработувањето во Македонија, кое во последно време е сведено на договори на определено време. Замислете, кој работник би се одлучил да членува во синдикат, доколку е вработен на 6 месеци и доколку му виси над глава можноста да биде отпуштен во секое време. Многу важен е и односот на државата околу прашањето на синдикалното движење, бидејќи истата е инертна во решавањето на проблемите на работниците во смисла на тоа дека, иако уставот вели дека работните односи се регулираат со закон и со колективен договор, колективното договарање кај нас воопшто како да не постои, иако до пред 10-тина години имаше колективни договори на ниво на гранки, на ниво на сектори, на ниво на држава. Сега тие колективни договори се сведуваат на многу малку, односно се руинирани. Државата треба да направи тука напор, преку своите органи да го заживее колективното договарање, во смисла да го помогни тој процес, односно во многу сегементи, без колективно договарање практично е незаконско секое постапување во работните односи. Како се регулираат прашањата ако нема колективен договор, по кои правила се регулираат? Значи доколку заживее колективното договарање автоматски и работниците ќе се охрабрат да членуваат во синдикат, односно да се организираат синдикално и преку таа форма да ги остваруваат своите права“, изјави Лазе Ангелески, поранешен претседател на ССМ – Прилеп.

 

Од здруженијата кои се занимаваат со работничките права велат дека синдикалните лидери не ја сфаќале доволно улогата на синдикалното организирање и била потребна итна реформа на синдикатите.

 

„ Улогата на синдикатите во Република Македонија е да ги унапредуваат и заштитуваат работничките права, со цел заштита на Законот за работни односи, од кој произлегуваат правата и обврските на работниците и работодавачите. Воедно можам да нагласам дека синдикатите во Република Македонија се во лоша состојба, т.е. треба да се направат реформи во нивните синдикални организации, поточно во конфедерациите на менаџментот на самиот синдикат. Синдикатот треба да го промовира, а воедно и да го воспоставува и социјалниот дијалог на национално и локално ниво со цел унапредување на правата на работниците“, вели Рубин Аризанкоски, секретар на здружение „Достоинствен работник“.

 

Според Аризанкоски Министерството за труд и социјална политика требало да ја воведат мерката социјални избори.

 

„Исто така го повикуваме и Министерството за труд и социјална политика на наредниот состанок кој што го имаат на економско-социјалниот совет на национално ниво да поразговараат и за воведување како измена на Законот за работни односи за воведување на мерката социјални избори. Социјалните избори се многу битни за работниците, со тоа им се дава право за одредување на синдикален преставник или синдикална организација онаму каде што тие имаат право, а и обврска, а со тоа доброволно да пристапуваат кон синдикатите, а не како што е досега по автоматизам, не по наредба на некоја синдикална конфедерација. Значи имаме голема злоупотреба од страна на синдикалните лидери кои моментално во Република Македонија не ја разбиираат доволно улогата на синдикалното организирање на работниците и синдикалниот живот, каде што сепак треба да знаеме дека Законот за работни односи е Устав и за работниците и за работодавачите. Нормално дека работодавачите во Македонија се организирани исто така, но поголеми права и обврски треба да се знае дека работниците согласно Законот за работни односи мора и прецизно и тие со меѓусебна солидарност да се солидаризираат и да формираат синдикати во претходните сектори кои што ги набројав, но исто така да формираат синдикати и во слободните економски зони, кои што се низ Македонија, каде што веќе мора и тие работници да се солидаризираат и меѓусебно да сорабуваат во однос на подобрувањето на условите за работа, а исто така и за побезбедни работни места“, додава Аризанкоски.

 

Во минатото раководствата на синдикатите исклучиво работеа за свој личен интерес, приклонувајќи се кон политичките партии, наместо да ги бранат правата на работниците. За да се возобноват синдикатите и нивната моќ се предлага тие да се отворат за млади некомпромитирани кадри.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи