Основниот суд Скопје 2, Нотарската комора и Комората на медијатори денеска со низа активности ќе го одбележат Европскиот ден за граѓанска правда.
Основниот суд Скопје 2 организира отворен ден за граѓаните во свечената сала Врховниот суд на РМ, со цел тие да се запознаат со начинот на остварување на нивните права во судските постапки.
„Нашата мисија е владеење на правото, ефикасна и достапна правда за сите граѓани“, стои во соопштението од Судот.
И Нотарската комора на Република Македонија ќе се приклучи во одбележувањето на Европскиот ден за граѓанска правда преку организирање отворен ден во сите нотарски канцеларии низ државата.
„Нотарските канцеларии ќе бидат отворени за граѓаните во текот на цело работно време за да можат одблиску да се запознаат со работата, надлежностите и одговорноста која ја носи нотарската професија, постапките во кои би можеле граѓаните да се најдат пред нотарите, како и други прашања поврзани со нотаријатот како институција која е дел од правосудниот систем во државата“, се наведува во соопштението од Нотарската комора.
Нотаријатот во Република Македонија како важен сегмент во правниот систем на државата и во иднина, како што посочуваат од Комората, ќе ги поддржува ваквите активности се со цел обзебедување поширок пристап до правдата на граѓаните.
По повод Европскиот ден за граѓанска правда, Комората на медијатори на РМ во заедничка соработка со Институтот за Европска Политика (ЕПИ) и Центарот за правни истражувања и анализи, организира промотивен настан за медијација на отворено, во непосредна близина на Дом на АРМ во Скопје.
„Сите заинтересирани ќе можат да бидат информирани за процедурите, предностите и придобивките од примена на постапката на медијација во решавање спор како и за улогата на медијаторот, преку непосредни разговори со медијаторите: Љупчо Сотироски, Бранко Ушковски, Роза Алексова, Фросина Кипровска Лукиќ, Дејан Белевски, Славе Младеновски, Илија Манасиев, Гордана Атанасова, Надежда Неделковска, Маја Ристовска Стојановска и Ирена Цветковска, како и од претставниците на Институтот за Европска политика и Центарот за правни истражувања и анализи“, информираат од Комората за медијатори.