Новиот аеродром во Турција, кој се наоѓа на 30 километри од Истанбул на европскиот дел, ќе чини 26 милијарди евра.
Аеродромот кој го доби епитетот „најголем во Светот“, вчера беше отворен од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, иако на него е завршена само првата фаза од изградбата.
Во неговото градење учествуваат 20 илјади луѓе, а се очекува да биде целосно готов до 2023 година.
Новиот аеродром во прво време ќе има капацитет од 90 милиони патници годишно, со што ќе се вброи во петте најважни светски аеродроми во контекст на прифаќање патници. Меѓутоа, станува збор само за првата фаза бидејќи ИГА, операторот на новиот аеродром, планира до 2028 година да достигне капацитет од 200 милиони патници годишно, што е двојно повеќе од аеродромот во Атланта кој денес е на првото место.
Аеродромот ќе има шест писти, и ќе располага со капацитет од 500 авиони. Паркингот ќе може да опслужи преку 70.000 автомобили, а ќе биде изградено и метро кое ќе го поврзува Истанбул со терминалот. Ќе има и голем трговски комплекс со луксузни продавници и многу ресторани.
Новиот истанбулски аеродром е најновиот во низата инфраструктурни мегапроекти за кои Ердоган жестокот се залага трудејќи се Турција да ја внесе во клубот на десет светски сили до 2023 година, кога земјата ќе прослави 100 години од прогласувањето на републиката.