Основното јавно обвинителство покрена предистражна постапка против претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, откако до нив биле поднесени две кривични пријави. Пријавите се однесуваат на непочитување на Уставот, поради непотпишување на Законот за јазици и Договорот од Преспа.
Од обвинителеството велат дека пријавите се поднесени од анонимни граѓани. Врз основа на истите ќе постапува надлежен јавен обвинител.
„Постапувајќи по две анонимни кривични пријави во врска со непотпишувањето на Законот за јазиците и Договорот од Преспа, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во предистражна постапка, во насока на проверка на наводите во пријавите. Со таа цел веќе се побарани податоци и информации од Собранието на Република Македонија и од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно дали и од кои причини не се потпишани од страна на Претседателот“, изјавија од Скопското обвинителство.
Иванов најпрво не го потпиша указот за стапување на сила на Законот за употреба на јазиците со образложение дека тоа не му го дозволуваат совеста и Уставот. Претседателот одби го потпише и указот на Законот за ратификација на конечната спогодба за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција, што Собранието ја изгласа на 20 јуни годинава, откако беше потпишана на 17 јуни во Преспа, со објаснување дека не прифаќа промена на Уставот со цел да се промени уставното име.
Поради тоа, овие две регулативи не се објавени сѐ уште во „Службен весник“ и не можат да стапат во сила.