Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини по повод претстојниот Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата врз новинарите порача дека демократијата не може да опстане без слободни, разновидни и независни медиуми.
Таа ги повика сите земји од ЕУ и вон Унијата да ја исполнат својата обврска и да ги заштитат новинарите и слободата на изразување.
„Слободните медиуми се кичма на слободните општества и нивното поткопување значи поткопување на нашата сопствена слобода“, изјави Федерика Могерини.
Таа оцени дека новинарите и медиумските работници ширум светот треба да инсистираат на тоа државите, претставниците на властите, корпорациите и целото општество да преземат одговорност за своите постапки.
Според Могерини, сепак има премногу новинари кои се соочуваат со закани и напади само поради фактот што си ја работат својата работа, додека извршителите на нападите остануваат неказнети.
Генералното собрание на Обединетите нации на 18 декември 2013 година го прогласи 2 ноември за Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста на злосторствата против новинарите со резолуцијата A/RES/68/163 на Генералното собрание. Резолуцијата ги повика земјите-членки да спроведат конкретни мерки во насока на спречување на праксата на неказнување. Датумот беше избран во чест на атентатот на двајца француски новинари во Мали на 2 ноември 2013 година.