Нивото на развој на земјоделско осигурување во Македонија е на многу ниско ниво

Facebook
Twitter
Email
Print

Од вкупно регистрираните земјоделци само четири проценти се осигурени со полиса за земјоделско осигурување. Поголем е процентот на правните лица кои ги осигураат земјоделските површини, отколку процентот на физички лица, односно 28 отсто од премијата припаѓа на физички лица, а 72 отсто на правни лица.

 

Податоците што денеска на конференција во Владата ги презентираше Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека осумдесет и шест проценти од вкупната премија се однесува на осигурување на посеви и плодови, а 14 проценти на осигурување на добиток. Најчесто се осигуруваат лозовите и овошните насади, житните и градинарски култури, а освен од град, пожар и гром, насадите се осигуруваат и од пролетен мраз и губење на квалитет.

 

„Остварените приходи од продажба на полиси за змејоделско осигурување заклучно со трет квартал 2018 година достигнуваат најголем износ на премии, односно 210 милиони денари, додека исплатените штети изнесуваат 125 милиони денари. Тоа значи дека осигурителните компании ги враќаат парите и го помагаат земјоделството со исплата на штети. Сепак, генералната слика кажува дека постои ниско ниво на развој на земјоделско осигурување“, истакна директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Поповски.

 

Иако бројките во осигурителниот сектор годинава во Македонија се подобри од минатите години, сепак, како што беше истакнато, се уште сме далеку од бројките што ги имаат развиените држави.

 

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во Македонија има проблем и на страната на стопанствениците и на страната на осигурителните компани, односно од една страна она што треба да се направи е да се подигне свеста кај стопанствениците за придобивките од осигурувањето, а од друга страна да се работи на подигнување на професионалноста на осигурителните компании.

 

„Мора да ја поднгеме свеста кај стопанството, но од друга страна и професионалноста на осигурителните компании бидејќи имаме голем број на поплаки дека осигурителните компании наоѓаат начин како да не ја исплаќаат штетата. Само професионално работење на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, добро поставените правила на игра и јасни критериуми што и како треба да биде платено, како и договори без ситни букви од осигурителните компании се гаранција за земјоделците дека ќе си ја добијат заштитата која ја платиле со плаќање на осигурителната премија“, вели Анѓушев.

 

Додава дека наместо средствата што се трошат за обештетување на неосигурени земјоделски посеви за што годишно се трошат околу пет милиони евра, подобро е тие средства да се искористат за поставување на систем и регулатива за земјоделците да ги добиваат своите полиси.

 

И министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски се согласува дека се уште е минимален бројот на земјоделци и земјоделски стопанства кои ги осигуруваат своите посеви и оти треба да се работи на тоа да се изгради ефикасен систем на осигурување во земјоделството кое е се поизложено на климатските промени.

 

„Во 2017 година преку Агенцијата за финансиска поддршка во змејоделството исплатени се 4,5 милиони евра вкупни штети во однос на сите непогоди коишто се случија“, посочи Николовски.

 

Во моментот се разгледуваат турскиот и шпанскиот модел на осигурување во земјоделството. Од денешната конференција се очекуваат конкретни предлози во кој правец треба да се движи осигурувањето во земјоделството во Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи