ОТА почна со работа, ветуваат професионално работење

Facebook
Twitter
Email
Print

Од денеска и официјално почна да работи новата Оперативно-техничка агенција (ОТА). Надлежните тврдат дека таа ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните и ќе го спречи нелегалното прислушување во земјата.

Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за прислушувањето ќе биде под надлежност на ОТА.
„Клучните забелешки од експертската комисија на Прибе се отстранети. МВР односно УБК немаат директен пристап до опремата за следење на комуникациите. Тие не знаат и немаат податоци за примената на посебни истражни мерки кои се на барање на другите овластени органи за следење на комуникациите и уште поважно МВР и УБК немаат никаков пристап до содржината на следената комуникација освен за оние мерки кои се на барање на управата и за кои постои одобрување од судот”, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Агенцијата е таа која ќе може да ги вклучи уредите само тогаш кога ќе добие судска наредба од институцијата која бара прислушување. Притоа Агенцијата нема технички можности да прислушува.

„Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на механизмите. Одговорно тврдам дека нема да ни се повторат бомбите и дека нема да имаме нови вакви афери како во минатото. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран, сѐ работи како што треба. Одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има”, изјави Зоран Ангеловски, првиот човек на Агенцијата.

 

Инаку ОТА е сосема независно тело, односно има свој буџет. Засега работи само со седум лица, но предвидено е да има 25 вработени. Формирањето на новата агенција е дел од итните реформски приоритети во делот на безбедносните реформи. Таа доаѓа како резултат на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи