„Да изградиме систем во кој медиумската писменост ќе го победи духовното ропство на 21 век“ беше една од пораките на студентите од Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денешниот собир на платото на УКИМ против медиумската пропаганда, лажните вести, манипулациите со дезинформации, против зачестените жртви на видеоигрите, агресивниот маркетинг, потрошувачкото општество, отуѓувањето.
Настанот беше дел од проектот „Не биди медиумска мета!“, кој го спроведува Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) со поддршка на Европаката Унија и други невладини организации, а со него и македонските студенти се вклучија во одбележувањето на Европската недела на медиумска писменост.
Студентите во своите говори зборуваа за примери за масовните медиуми или „четвртата власт во секоја демократија“, кои имаат моќ не само да го пренесуваат јавното милсење и ставовите, туку и да ги формираат и пренасочуваат.
Бојана Крстевска, прва година на Правниот факултет, со порака до консументот на вести, кого го нарече плен на јавните гласила и жртва на општеството: „Користи го разумот, плови низ океанот на сите информации кои ги добиваш, постигни ја амплитудата на твојата интелектуалност, одлучи – што е вистина, а што лага во општествената стварност со која секој ден се соочуваш“.
Студентот Симеон Јанев праша дали воопшто може да се зборува за медиумска писменост во Македонија затоа што, рече, нема критична мисла.
„Честопати одредена целна група до која се праќаат информациите, нив ги голта и впива онака како што им се сервирани. Во западните општества мас-медиумите имаат потешкотии за пробивање на пазарот затоа што тие општества се софистицирани и кај нив медиумското образование е застапено години наназад и е поткрепено со научни сознанија, за разлика од кај нас“, рече Јанев.
Раководителка на проектот, комуникологот д-р Јасна Бачевска-Недиќ, професорка на Правниот факултет, рече дека со денешниот настан сакаат студентите од УКИМ да испратат порака до надлежните институции да размислат и да го забрзаат процесот на имплементација на медиумската писменост.
„Тоа го правиме преку студентите кои се најсензитивна општествена категорија, авангарда и носители на општествените промени. Тие беа и многу расположени да говорат на оваа тема. Мотивирани се да кажат нешто против медиумската манипулација, и тоа не само како политичка манипулација, туку и за сите современи општествени проблеми, како отуѓување, потрошувачко општество, стил на живот… А сите знаеме дека медиумите денес се главен генератор и главен фактор во овој домен“, изјави Бачевска-Недиќ.
Целта на митингот е да испрати порака до релевантните инстанци во државата забрзано да се имлементира концептот за медиумската и дигиталната писменост во конвенционалното образование, по примерот на земји како Холандија или Германија кои во наставните планови имаат предмет за медиумите.
„Дали на дисперзиран начин, преку други предмети, на пример Ликовно, Македонски јазик, ќе учат за медиумите и за проблемот на медиумите, или како посебен предмет. Ние сме многу далеку сè уште од тој проект. Под притисок на ЕУ и невладиниот сектор веќе почна да се отвора како проблем, но сè уште сме далеку. Како граѓанско општество може да вршиме притисок врз надлежните институции за решавање на проблемот за кој неколку години активно се зборува, но од Министерството и од Бирото за образование сè уште не се прави нешто поконкретно за вклучување во конвенционланото образование. Пресудна е волјата и акцијата и тоа треба што поитно да се стори. На пример во Шведска одамна читањето не се учи преку буквар, туку на друг начин. Така што, преку процесот на осовременување на образованието, треба да мислиме за имплементација на дигиталната писменост“, истакна Бачевска-Недиќ.
Рече не може да зборува за добри и лоши медиуми, туку за проблематичност во однос на организацијата на медиумскиот систем, а тоа подразбира правна рамка, професионални капацитети, работата на новинарите и нивната техничко-технолошка опременост, како и политичката волја за организирање европски модел на медиумски систем како што имаат развиените земји.
„Ние 27 години не успеавме да го контурираме тој медиумски систем со еден добар јавен радиодифузен сервис, што е многу карактеристично за европските земји и, конечно, треба сите заедно да собереме енергија да се среди оваа област – да имаме и политички плурализам во медиумите, меѓутоа и професионално добри медиуми кои ќе одговараат на потребите на едно современо општество“, додаде Бачевска-Недиќ.
Со денешниот настан беше отворен проектот „Не биди медиумска мета!“. Во овој и во наредниот месец ќе има по две работилници, а потоа во план е да организираат карван во средните училишта.