ВИДЕО – Ристески : Поскапувањето на водата докажа дека Јованоски предизборно лажел кога ветуваше 20% пониски сметки за вода

Денес на продолжението на 20. седница на Советот на Општина Прилеп е донесена уште една штетна одлука за граѓаните на општина Прилеп. Велам штетна, затоа што со одлуката за воведување на цена на пречистителната станица за отпадни води од 17.35 денари по метар кубен, граѓаните со ова ќе добиваат повисоки сметки за вода од досегашните. Ова го истакна координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

 

 

„Градоначалникот Илија Јованоски во предизборната кампања го ветуваше токму ова, 20% пониски сметки за вода. Ова ветување од градоначалникот никогаш не се исполни. Ќе кажам дека ова е лага и лажно ветување до граѓаните на Општина Прилеп, кои се излажани од градоначалникот Илија Јованоски. На почетокот на оваа година цената за вода беше оставена иста, 26.22 денари по метар кубен, но беше за 76% поскапена цената за отпадните води, за фекалната канализација. Од 3 денари на 5.28 денари. Со тоа дополнително беа зголемени трошоците, односно повисоки беа сметки за вода што ги добиваа граѓаните досега. Со оваа денешна одлука за 17.35 денари по метар кубен да плаќаат граѓаните за пречистителната станица, односно за одводната вода која ќе ја користи станицата и ќе ја прочистува, е дополнително оптоварување на семејствата во Прилеп. Или конкретно да кажам во средства. Ако досега едно просечно семејство плаќало 500 денари сметка за вода, сега ќе плаќа некаде околу 800 денари, што би дошло некаде за околу 60-70% повисоки сметки за вода“, истакна Ристески.

 

Ристески потенцираше дела тие како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија имале предлог и барале да се разгледа дали е возможно субвенционирање од страна на Општината и Владата на работата на пречистителната станица за да не бидат оптеретени граѓаните на општина Прилеп со дополнително повисоки сметки.

 

„Денеска ова беше одбиено од страна на советниците на СДС и со оваа одлука граѓаните ќе плаќаат многу повисоки сметки, за 17.35 денари по метар кубен. Така да значително зголемување на сметките на вода, уште еднаш ќе напоменам за предизборното ветување на градоначалникот, дека ќе ги намали сметките за вода за 20%. Ние како советничка група, бидејќи сме опозиција и не сме мнозинство, не можеме да ја донесеме оваа одлука. Можеме да предложиме, ние и денеска предлагавме да ги видиме сите можности, бидејќи сметаме дека не се исцрпени, за да одлучиме дали во моментов треба да се донеси ваква одлука за воведување на цена од 17.35 денари по метар кубен за пречистителната станица, односно одводните води. Бидејќи знаеме дека Општината е во добра финансиска состојба, нема поголеми долгови, а од прилика пресметавме дека таа може да си го дозволи ова субвенционирање на работата на пречистителната станица“, рече Ристески.

 

Според него со ова зголемување на сметката за вода ќе се исплаќале партиските послушници вработени во пречистителната станица.

 

„Ние и во разгледувањето на тромесечниот извештајот на ЈКП „Водовод и Канализација“ кажавме дека со тоа што се зголемени десеткратно средствата за ангажирање на сезонски или не знам какви работници во споредба со минатата година, тоа е доказ дека и ова зголемување на цената на сметката на водата е потврда на нашето тврдење дека сепак се работи за вдомување на партиски послушници, членови, активисти на СДС во јавните претпријатија. Во овој момент одговорно тврдам дека во пречистителната станица се ангажирани некаде околу 25-26 лица, а самиот директор во елаборирањето ни кажа дека во една Општина Струмица, каде работела пречистителната станица која била за волја на вистината некаде за дупло помала од нашата, со помал капацитет, биле ангажирани 5 лица. Ако нашава е дупло поголема би требало да се 10-12 лица доволни. Во моментов имаме таму ангажирани 25-26 лица. Колку се тие потребни јас стварно не знам, стручните служби од претпријатието си знаат. Но уште еднаш ќе кажам, ова сето е за вработување на партиски послушници“, рече Ристески.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи