Советот на Општина Прилеп денеска донесе одлука услугата за пречистување на урбани отпадни води да биде 17.35 денари за метар кубен. Воведувањето на цената за оваа нова услуга било дел од договорот од 2008 година кога се обезбедиле средтсва за изградба на станицата. Според директорот на ЈКП „Водовод и Канализација“ пред неколку месеци Регулаторната комисија имала изготвено решение за 2019 просечната тарифа да биде 20.66 денари, а за 2020 година 21.45 денари, или околу 27 денари максималната тарифа за услугата пречистување на урбани отпадни води.
„Советот на Општина Прилеп, согласно Законот за утврдување на цени и услуги, кој што е донесен во 2016 година, мора да донесе одлука во рок од 150 дена од моментот на изготвување на решението на Регулаторна комисија, а тој рок истекува во вторник. Одтука Советот во интерес на граѓаните на општина Прилеп, заради цена на водната услуга пречистување на урбана отпадна вода, 17.5 денари, а не 21 денар и повеќе, го изгласа тој предлог на градоначалникот и денеска се изгласа цена на услугата“, истакна Јанески.
Во тек била процедурата за превземање на сопственоста на пречистителната станица од Општина Прилеп. Одлука треба да донесе Република Македонија, за да ја префрли сопственоста на станицата на Општина Прилеп и понатаму Советот на Општина Прилеп треба да донесе одлука, спрема 4 партитниот договор потпишан во 2008 година, управувањето и одржувањето на истата да го има јавното комунално претријатие.
„Од моментот кога ќе биде донесена таквата одлука, од тој момент ќе се фактурира до граѓаните дополнителна услуга пречистување на урбани отпадни води. Цената на водата е 26.22 денари, цената на канализацијата е 5.28 денари, цената на пречистување на урбани отпадни води е 17.35 денари. Цените на сите овие водни услуги се за околу 25-30% пониски од цените кои со решение ги има утврдено Регулаторна комисија, чија обврска меѓу другото е да ги утврдува цените на водните услуги, со Законот за утврдување на цени на водни услуги од 2016 година, кој што го донесе Парламентот во кој мнозинство имаше ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Јанески.