Во Крушево, во Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ се одржува Регионален противпожарен квиз натпревар на кој учество зедоа општински противпожарни сојузи од повеќе градови од државата.
Според градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, едукацијата од ваков вид е потребна со цел да ги научиме децата да бидат свесни и одговорни за околината.
„Во свое лично име и во име на општина Крушево сакам да ви посакам добредојде во нашиот град и да го изразам задоволството што ваков едукативен настан се одржува во нашата општина. На нашите деца им е потребна едукација од ваков тип и мора да ги научиме како да бидат одговорни и свесни за околината. Драго ми е што овој регионален противпожарен натпревар ја има токму таа цел – да ги едуцира децата преку меѓусебна комуникација и дружење.“ порача градоначалникот Христоски.
Натпреварот беше зачинет и со музички и ритмички точки на учениците од ООУ „Никола Карев“ Крушево.