Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, во интервју за Дојче Веле изјави дека ниту неговата земја, ниту поранешниот македонски премиер Никола Груевски не прекршиле ниту еден закон со тајното патување до Унгарија.
Според него, нема ништо спорно во тоа што Груевски преминал четири граници во придружба на унгарски дипломати. Ни тој факт не го прави прашањето политичко, вели Сијарто.
„Не е тоа прашањето. Прашањето е дали ги преминал границите согласно меѓународните и националните правила. И одговорот е: да, го сторил тоа. Откако се пријавил во унгарската амбасада ги преминал сите граници до Унгарија во согласност со меѓународните и националните правила. Со исправна документација“, вели Сијарто.
Шефот на унгарската дипломатија инсистира дека се работи за правен, а не за политички случај. Тврди дека одлуката за барањето азил на Груевски ќе ја донесе независно тело врз кое унгарската влада нема влијание.
„Се работи за правна процедура, која има методологија водена од унгарските и меѓународни закони. Одлуката ќе ја донесе релевантно тело, а тоа е независно тело и ние како влада немаме влијание врз него“, вели Сијарто.
Според информации објавени денеска во дел од провладините унгарски медиуми, тамошните власти веќе донеле одлука за барањето за азил на Груевски. Се шпекулира дека барањето е прифатено. Македонските власти се уште немаат официјална потврда на оваа информација.