ВИДЕО – Општина Прилеп започна со обештетување на земјоделците кои претрпеа штети во јулското невреме

Општина Прилеп денеска започна со обештетување на земјоделците кои претрпеа големи штети во јулското невреме. За оваа намена општина Прилеп оддели 100.000 евра, а секој земјоделец ќе биде обештетен со 3% од вкупната штета која ја имал. Земјоделците велат дека се задоволни од обештетувањето кое даде Општината, но сепак очекуваат обештетување и од државата кое што може да биде и до 15% од вкупната штета.

 

 

„Од 5 декари можи да се произведе тутун од 1,5 тони, што значии во вредност од околу 300.000 денари, а сега штетата е огромна затоа што изгубивме и субвенции и килажа. Трошоците можат многу малку да се покријат, тоа што сме го вложиле ние досега. А доколку даде државата 15% обештетување тогаш ќе бидеме задоволни“, рече Роберт Костоски, жител на с. Мало Коњари.

 

Инаку ова е за прв пат Општина да оддели средства за обештетување на земјоделците.

 

„Овие средства започнуваат да се исплаќаат од денес па се до средината на идната недела и ќе бидат исплатени 1.359 барања. Оваа динамика е таква бидејќи се прилично голем број на барања. Исплатата ќе се врши согласно проценката која што ја направи комисијата за посебна проценка на штети и единствената методологија за проценка на штети и исплата од ваков вид на елементарни и други непогоди. Во овој случај Општина Прилеп го исплаќа максимумот од 3% од проценетата вредност на штетите кои се направени“, истакна Жарко Северкоски, претседател на комисија за проценка на штети.

 

Колкаво ќе биде пак обештетувањето од државата и дали воопшто ќе го има се очекува да се знае кон почетокот на идната година.

 

„Во делот на постапката која што се однесува на обештетувањето, елаборатите ценам дека се усвоени од Општина Прилеп се доставени до владината комисија која што е во рамки на министерството за финасии која што по целосната обработка треба да ја достават оваа информација, заеднички со сите оние други постапки за штета за 2018 година и од другите општини и од другите непогоди, до Владата и да се утврди процентот кој ќе биде опфатен со ова обештетување и понатаму да биде исплатена“, истакна Љупчо Николоски, министер за земјоделство.

 

За да не доаѓа во идинина до вакви ситуации тутунарите бараат осигурување на родот уште со самото склучување на договорите за откуп.

 

„Јас мислам дека земјоделството треба да се осигурува. Ние кога започнавме да го осигураме родот осигурителните компани прекинаа со осигурување, незнам поради кои причини“, додаде Роберт Костоски, жител на с. Мало Коњари.

 

Со климатските промени и појавата на се почести невремиња во иднина ќе биде неоходно државата да изнајде модел за осигурување на земјоделските посеви.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи