Старата чаршија во Прилеп е душата на градот. Тука низ сокаците со векови живее духот на Прилеп. Тука низ тесните улички, кај старите занаетчии, дуќанџии и трговци, се раѓала смеата, живеела шегата и познатиот прилепски мајтап. А како храм на мајтапот пак биле берберниците. Она што друго може да се каже за берберниците е тоа дека во минатото биле еквивалент на денешните социјални мрежи.
Ако денеска ги имаме ФБ, Твитер, Инстаграм каде се информираме за се што се случува во градот, за тоа што прават нашите пријатели и познаници, тогаш ФБ за нашите предци биле токму берберниците. Во Прилеп велат ако нешто не знаеш појди на бербер и се ќе дознаеш. Берберите тука знааат се за секого, ништо не им бега. Што да ти зборувам, да ти е страв да појдиш на бербер, уште кога ќе влезиш во берберница се знае за тебе, ама тоа е, човек мора и да се стрижи.
Она пак што е уште поинтересно за берберите во Прилеп, а што денес е подзаборавено е тоа дека тие во минатото имале свој посебен јазик кој според етнолозите се викал киривџиски јазик, кој се состоле од 100 тина зборови и бил мешавина од грчки, турски, македонски и новообразувани зборовни кованици. Тоа го правеле за да никој не ги разбере за што зборуваат, особено муштериите.
Така според етнолозите за жена берберите викале Геник, за убаво Анајли, ако виделе убава жена значи ќе речеле Анајли Геник, бакшиш го викале луфта, ракија – бело пис, вино – црно пис, водење љубов или секс – карто, глупав – баламур, пари – карти итн…
За историјата на берберите, нивниот таен јазик, мајтапот, шегите но и за сегашноста на занаетот во ова живо јавување за Сител зборуваат Пеце Димески, Томе Јованоски, Жаре Јованоски и Крешимир Здравески.