Поранешниот шеф на тајната полиција Владимир Атанасовски, кој синоќа беше уапсен и однесен на сослушување кај судија на претходна постапка, доби притвор поради кривично дело „Здружување заради непријателска дејност”.
На Атанасовски му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, а му се заканува казна затвор од најмалку четири години.
„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за едно лице. Постои основано сомнение дека лицето сторило кривично дело Здружување заради непријателска дејност од чл. 324 ст.1 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Неговото апсење доаѓа еден ден по сведочењата на обвинетите во судскиот процес за 27ми април, Стефан и Михаил Младеновски и Захарие Симовски, кои го посочија како главен организатор на упадот во Собранието и нарачател на насилства и кривични дела врз членови и симпатизери на тогашната опозиција. По нивните искази Обвинителството отвори истрага.
Обвинителката Вилма Рускоска по синоќешниот распит рече дека обвинителството побарало притвор за Атанасовски заради опасност од бегство, влијание на сведоци или уништување на трагите од кривичното дело и можно повторување на кривичното дело.
“Тој навистина не е повеќе директор во УБК, но како поранешен директор тој сепак има големо влијание како од вработените, но и меѓу луѓето. Знаеме дкеа секојдневно се организираат мирни пратести пред Собранието , мирни како на “За заедничка Македонија “, но сепак кои протести ескалираа во едно крваво насилство, тоа се причините поради кои обвинителсвото побара определување мерка привор по основ на сите три точки од ЗКП ” вели Рускоска.
Обвинителката Вилма Русковска најави дека ке има проширување на истрагата и за други лица инволвирани во собраниските настани но ја отфрли можноста дека засега не постојат докази за учество и на членови од кабинетот на претседателот на Републиката.
Владимир Атанасовски беше поставен за директор на УБК во септември 2016 година по оставка на тогашниот директор Сашо Мијалков и ја извршуваше таа функција до јуни 2017 година кога и почна истрагата за „крвавиот четврток“ која сепак не го опфати.