Момчињата и рибарот се убиени кај Смилковско езеро, од зад грб и во брз временски период

Facebook
Twitter
Email
Print

Нема сомнеж дека четирите момчиња и рибарот биле убиени кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. Ова денеска се заклучи од сведочењето на вештаците од Судска медицина, на рочиштето за случајот „Монструм”, кои во детали објаснуваат како биле убиени жртвите.

 

Вештакот Златко Јаќовски посочи дека една од работите која требало да ја утврдат е и дали жртвите биле убиени на таа локација.

 

„Крв се наоѓаше под нивните тела. Исто така во земјата под некои тела беа пронајдени проектили“, рече вештакот, кој одговори на прашањето на обвинителката Фатиме Фетаи дали со сигурност жртвите биле убиени на местото каде што беа најдени.

 

Биле убиени од непосредна близина, односно убијците од нив биле оддалечени околу 1,5 метар. Им пукале од зад грб, додека момчињата биле клекнати  или во лежечка положба.

 

Филип Славковски бил легнат на стомак, малку на страна, со лесно подвиткани колена. За него смртоносен бил куршумот кој му бил испукан во градниот кош, кој го оштетил срцето.

 

Александар Наќевски пак бил застрелан со најмногу, дури осум куршуми и тоа додека клечел или бил во свиткана положба, со исправен граден кош.

 

Неговиот другар Кире Тричковски, пак имал три прострелни рани и една устрелна. Во него може да се заклучи дека пукале најмалку двајца, бидејќи еден од убијците му пукал во стомакот додека бил свртен со лице кон него, а другите прострелни рани му биле нанесени од зад грб.

 

Безживотното тело на Цветанчо Ацевски вештаците пак го пронашле во легната состојба. Во него било пукано пет пати, а смртта настапила од повреди во вратот, по што дошло до влегување на крв во белите дробови.

 

Ова беше само дел од вознемирувачкото појаснување на вештаците. Тие одговарајќи на прашања посочија дека не можеле да го утврдат точното време на смртта. Сметајќи од 8 часот утрото, кога телата биле донесени за обдукција, смртта според нив настапила од 10 до 24 часа претходно.

 

Поради потресните детали, родителите на жртвите не беа присутни во судница, бидејќи како што напоменаа на претходното рочиште не можеле да издржат уште еднаш да слушнат како биле убиени нивните најмили.

 

Вештакот Златко Јаќовски појасни како бил убиен и рибарот Борче Стефковски. Неговото безживотно тело било пронајдено во близина на неговиот автомобил, а во рацете држел клучеви. Тој бил застрелан пет пати, а смртоносен за него бил истрелот што го добил во пределот на главата.

 

„На хаубата од возилото беше најдено дел од мозочно ткиво, а беше и видливо дека има рана во главата“, рече вештакот, кој појасни дека сторителот пукал од зад грб, а притоа имал огненострелни повреди и во пределот на левата тилна регија, во грбот, во градниот кош и десната подлактица.

 

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО. Наредното рочиште за овој случај е закажано за 20 декември.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи