Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи и Царинската управа заплени над 510 килограми марихуана на граничниот премин Богородица на излез од Македонија. Запленетата марихуана требало да се транспортира до Турција.
„ Засега е уапсено и изведено пред судија на претходна постапка едно лице“, рече на денешниот прес во МВР портпаролот Тони Ангеловски.
Кесите марихуана, со различна големина и тежина, се најдени по извршен претрес во камион-ладилница марка „Ман“, сопственост на фирма која тој не ја откри. Камионот бил управуван од З. А. (46) од Скопје, кој е уапсен.
„При извршениот претрес во специјално направен бункер во кровот на приколката, пронајдени се 181 полиетиленски пакувања со марихуана, а З.А. е приведен“, рече Ангеловски.
Пронајдената дрога, во Македонија влегла од Албанија, а била наменета за нарко-пазарот во Турција. Според првичните информации, станува збор за меѓународна криминална група, во која се вмешани државјани на Македонија, Албанија и Турција.