Дали од сметката на Сојузот на тутунарски здруженија се украдении 9 милиони денари ? Дел од здруженијата на тутунари од Прилеп, Долнени и Крушево денеска на прес конференција го обвинија претседателот на Сојузот Кире Неделкоски дека незаконски ги присвоил овие средства. На 26 септември поднесле кривична пријава до ОЈО, но досега немало ништо од тоа. Исто така го обвинија и Централниот регистар дека манипулира со тоа што не сакал да го избрише Неделкоски од претседател на Сојузот иако тие како здруженија го имале сменето и назначиле нов. Тутунарите обвинуваат дека од месец јуни Неделковски не им доставувал финансиски отчет за работењето на Сојузот.
„Сите членки на Сојузот едногласно донесовме одлука за разрешување на претседателот и именување на нов претседател. Покренавме легитимна постапка до Централниот регистар на Република Македонија, затоа што Сојузот дирекно е регистриран во Централниот регистар на Република Македонија во град Скопје. Но за жал, разочарани сме и навредени од опструкциите на Централниот регистар. Се прашуваме под чиј налог го штити криминалот од разрешениот претседател и не ни го регистрира новоименуваниот. И Централен регистар ни прави опструкции од првата иницијатива и не тера само нова и нова иницијатива да правиме“, рече Илија Тотески, секретар на „Братство“ од Крушево.
Новиот претседател го назначиле на 15 октомvри, а на 14 ноември Централниот регистар повторно им го избришал. Обвинуваат дека постојано им барале нови и нови документи. Сега на 10 декември доставиле нова иницијатива до Централен да се запише новиот претседател, иако според законот Централен регистар требало да им одговори во рок 7 дена, до денес се уште немало ништо. Исто така се прашуваат зошто досега Јавното обвинителство не постапило по однос на кривичната пријава.
„Повторно значи прашуваме која е улогата на Централен регистар. Дали да регистрира, неговата улога е да регистрира и да бриши. Значи одлуките на собранието не ги почитува. Тоа е тоа нас што не разочарува. Сметаме дека некоја повисока сила стои зад сето ова. Не веруваме конкретно дека нашите постапки не се во ред, затоа што сите постапки ги водевме со адвокат. Сите процедури ги водиме онака како што треба и затоа сме разочарани од постапките на Централен регистар. Најновата иницијатива што ја имаме, значи повторно моравме нова иницијатива после разрешувањето на претседателот, таа нова иницијатива беше на 10.12.2018 година и ние чекаме секој момент новоименуваниот претседател на собранието на Сојузот на тутунски здруженија да го добие своето решение и својот легитимитет. Сеуште и ден денес, што законски требаше да го добиеме, сеуште го немаме добиено тоа решение. Кој стои зад сето ова и ние самите се прашуваме. Мислам дека ова е преседан во една постапка што Централен регистар треба да ја реши транспарентно, а истиот не влечи 5 месеци и затоа сметаме оправдано дека Централен регистар не треба да го штити криминалот. Јавното обвинителство и ние се прашуваме зошто до денес се нема произнесено“, додаде Тотески.
Тутунарите обвинија дека само лани за 2 месеци, од октомври до Нова година биле украдени 2,5 милион и денари.
„Имаме изводи од книговодство лично што ги воделе, голема штета е направено што само на негова сметка што има извадено 5 милиони денари, а на некои непознати луѓе во Сојузот им има пари пуштено како помош, како аванс. Го имаме дадено на јавен обвинител и мислам дека тоа ќе се открие понатаму. Вкупно пари недостасуваат 9 милиони денари. Дури и ми е жал затоа што нема никаков контакт со членовите на Сојузот. Ние имаме седница повикано 5-6 пати, заедночка седница, а тој не се ни јавува ни иди. До 2018 за 2 месеца 2.5 милиони беа потрошени, а после 2018 до 4 месец парите скроз беа повлечени. Секој ден ни кажуваше дека утре ќе пуштел пари, а на јавноста дури и кажуваше дека членовите на Сојузот направиле криминал. Ние сакаме да знаеме кој е тој криминал ние што го имаме направено, бидејќи со парите ние не раководиме. Раководеше тој, а 9 милиони денари лично тој ги има извадено и пуштено кај луѓе кои не се познати ни во Сојузот, ни во некое здружение. Не некој му има пуштено над 10 илјади евра, без никаков основ“, вели Муса Ибраимоски, претседател на „Златен лист“ Долнени.
За целата ситуација бил известен и министерот за земјоделство. Тутунарите се заканија дека доколку не им се реши проблемот ќе започнат со протести.