По веста дека пратениците си подготвуваат законски измени со кои ќе добијат привилегии и сигурна државна работа за себе откако ќе им истече мандатот во Собранието кај народот се појавија бурни реакции. Денеска партите се оградуваат од тоа дека пратениците треба да добијат бенефиции. Прв се огради генералниот секретар Александар Кирацовски кој во Прилеп рече дека привилегиите треба да се движат кон граѓаните, а помалку кон пратениците.
„Пратениците кои што егзистираат во Собранието на Република Македонија, согласно деловникот кој што важи во овој момент се повеќе од доволно привилегирани. Сега време дојде граѓаните да го добијат она што го заслужуваат: вработувања, нови инвестиции, нови работни места и подобро платени работни места. Не смееме да размислуваме во тој правец. Оној кој што бил избран и именуван функционер, избран од граѓаните, утре или друг ден да биде попривилигиран токму од граѓаните и да оди на работно место што впрочем можеби го заслужува некој од граѓаните“, истакна Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ.
Попладнево пак лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека токму СДСМ се обиделе на шверцерски и полутаен начин во текот на вчерашниот и изминатите денови да го протнат во собраниска процедура овој закон, но под притисок на јавноста сега се повлекувале.
„Генерално како човек секогаш стојам во заштита и решавање на егзистенцијалните прашања на граѓаните во Република Македонија, вклучително и на пратениците, но за мене мислам приоритет треба да биде решавањето на егзистенцијалните прашања на оние граѓани кои што во моментот се без егзистенција, односно без континуирана работа. Но лицемерието и дволичноста на СДСМ и на политичката матрица на СДСМ, во текот на 24 часа по примерот на нивниот претседател, гледаме дека добива 180 степени различна изјава. Најпрво како што кажав на полуофицијален или шверцерски начин се обидоа низ собраниска процедура овој закон да го протнат, за да под притисок на јавноста еве ден потоа самите себе се демантираа. Не е тоа добро, затоа што тие луѓе се и Влада во Република Македонија. Ако продолжат на овој начин да ги водат политиките ќе видиме дека на Македонија не и се пишува добро, што впрочем го алармираме на овие протести кои што ВМРО-ДПМНЕ ги прави ширум Република Македонија“, истакна Мицкоски.
Останува деновиве да видиме што ќе се случува околу оваа тема.