Денес повторно на протест излегоа вработените во Еурокомпозит, поради непочитување на договорот кој го имале со генералниот директор, односно нецелосна исплата на ветената опремнина. Им било ветено дека парите ќе ги добијат до 25 декември, поради што сега се чувствуваат излажани, навредени, и револтот кај нив е голем.
„Жалосно на овие температури сега да се собираме повторно, ама еве, изгледа така треба да биде со нас и до крај изгледа ќе се одвива оваа сага. Целта на овој протест е опремнината, односно непочитување на договорот кој беше постигнат со генералниот директор. Како што знаете, таа опремнина требаше да се даде на два пати, еднаш 50.000 на 30 ноември и остатокот до 28 февруари. На 30 ноември овде излезе пред сите и кажа: не можам сега, ќе ви дадам 25.000, а 25.000 до 25 декември. Се согласивме, да бедеме транспарентни и да има пари за сите. Вчера појдовме неколку мина кај него, имавме некои информации дека пари нема. Ни кажа дека не можел сега да исплати 25.000, можел само 8-10.000 денари. Му кажавме на луѓето и сега еве го револтот е голем, во случајов сме излажани, навредени во краен случај. Другите 17.000 да ни ги исплати до крајот на јануари“, рече Пеце Велјаноски, претставник на работниците од Еурокомпозит кои заминаа како технолошки вишок.
Како што кажа Велјаноски, плата немаат земено од септември и не знае како ќе поминат за новогодишните и божиќните празници, бидејќи немале за јадење, а камоли за сметки.
„Исто да кажеме дека ние плата немаме земено од септември месец и тоа по 12.000 денари. Од тогаш до денес немаме пари земено. Од технолошки зедовме по 2-3.000 денари, а идат Нова Година, Божиќ, со овие 8.000 денари како ќе поминеме не знам. За сметки да не правиме муабет, нема ни за јадење. Тоа е револтот“, рече Велјаноски.
Упати и апел до Владата, доколку може, да обезбеди средства и барем да ги исплати тие 25.000, кои се останати од опремнината. Изјави после Нова Година, повторно ќе продолжат со борбата и најави нови протести.
„Сакам да упатам апел до Владата, бидејќи таму го правевме овој договор. Тој таму зеде обврска, баш во Владата, дека ќе ги исплати тие 50.000. Владата треба да си бара одговорност од него. Не е во ред вака да не лажи, не сме деца. Сите сме постари од него, сите имаме по 35 години минимум стаж и сега на ваков начин да земинеме, не е ни фер ни поштено, гревота е. Затоа да упатам апел до Владата, ако може во овие 2-3 дена, да направи некој напор да обезбеди средства, барем тие 25.000 да ни ги даде. Имаше некои најави дека сакаа, но заминавме и толку.Сега рековме да се задржиме на опремнината. Инаку и со придонесите знаете дека 6 ипол години немаме платено придонеси, заостанато 15-16 плати, не лажат за 2-3 месеци, сега купец, утре, друг ден, но ние пак ќе ја продолжиме борбата после Нова Година, ќе штрајкуваме по улици, ни забранија и патот да го блокираме“, рече Велјаноски
Вработените се чувствуваат осиромашени, понижени и не знаат до кога можат да издржат.
„Јас 36 години овде работам, 7 години неплатен стаж, плати неисплатено, парите што ни ги ветија не ни ги даваат, без пари како се живее. Анѓушев ветува го гледаме по телевизии, а ни пари ни дава, ништо. Вака не можеме понатаму. Не да сме осиромашени, понижени, ова не оди никаде. До кога мислат вака без пари да живееме, не знам“, изјави Јорданоска Олга.