Прилепчанец со нож ја убил својата партнерка со која живееле во вонбрачна заедница синоќа во периодот од 21.30 до 22 часот во куќа на ул.„Круме Волнарски“ во Прилеп. Триесет и шест годишниот Х.К. ја убил триесет и три годишната Е.Г. со неколку убоди со нож во градите. Мотивите за убиството не засега не познати. А според првичните информации убиството се случило пред очите на 10 годишниот син на Е.Г. кој и го пријавил случајот.
Од Јавното обвинителство во Прилеп рекоа дека надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство извршил увид на лице место заедно со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи. Обезбедени биле и подигнати траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење.
„Јавниот обвинител издаде наредба за вршење на обдукција на телото на починатата. Според првичната информација од контролата со апарат за мерење на количината на алкохол – дрегер, осомничениот во себе имал повеќе од 2 промили алкохол. Точниот податок ќе се знае откако ќе заврши анализата на крв и урина од осомничениот која е побарана од обвинителството. Осомничениот не го напуштил местото на настанот и е веднаш лишен од слобода“, истакна Ристо Шошески, јавен обвинител во ОЈО Прилеп.
Во моментов надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп ги презема сите дејствија за целосно расчистување на предметот.