Оваа година по 13-ти пат, традиционално, во организација на „Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот“ , во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, со почеток во 12 часот, 500 деца ќе се дружат на свечен Божиќен ручек и ќе го слават Христовото раѓање. Оваа година, по 10-ти пат на оваа прослава „ Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот “ го доделува престижното признание за општествена одговорност „Орден за носител на мирот“. Оваа година ова меѓународно признание му го доделуваме на г-дин Живко Мукаетов, генерален директор на А.Д. „Алкалоид“ од Скопје.
Петстотини деца од целата територија на Република Македонија на заедничка трпеза ќе го прослават Божиќ, денот на Христовото раѓање и на таа заедничка трпеза ќе седнат деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада. Децата се од Прилеп, Скопје, Штип, Тетово, Крушево, Демир Капија, Струмица и од другите градови ширум државава. Исто така, како во нашите програмски задачи и Конвенцијата за правата на децата за еднаквоста на децата, а во интерес на нашето мото „Едно небо за сите деца“ на оваа божиќна трпеза имаме покането и деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката, кои заедно ќе се дружат и ќе празнуваат. На сите деца ќе им се доделат пакетчиња за слатки сеќавања на Божиќниот ручек, за кои се погрижи градоначалникот на Општина Прилеп, г-дин Илија Јованоски.
Божиќниот ручек ќе го благослови неговот високо преосвештенство, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар. За збогатување на свеченоста ќе се погрижат од танц студиото „Зодијак“ од Прилеп и Марија Костока, а како и секој Божиќ, за уште повесела забава на овој Божиќен ручек ќе настапи македонскиот идол Христијан Тодороски.
И оваа година, покрај добитникот на Орденот за носител на мирот, ќе има и доделување на „Плакета за пријател на децата“, за кои „Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот“ одлучи да ги додели на најзаслужните, а тоа се: А.Д. „Мермерен комбинат“ од Прилеп, ДТГ „Жикол“ од Струмица.