ВИДЕО – 500 деца учествуваа на традиционалниот Божикен ручек во Прилеп

И годинава по 13-ти пат над 500 деца учествуваа на традиционалниот Божикен ручек во Прилеп кој го организираше „Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот“. Децата беа од различни целни групи и од повеќе градови на Македонија. На заедничка трпеза тие го прославија денот на Христовото раѓање. Имаше покането дечиња и од другите верски заедници.

 

 

„Навистина ни е чест што сме дел од овој настан што засекогаш ќе го паметиме. Навистина тука е многу забавно, се дружиме со различни деца од цела Македонија“, рекоа дел од децата присутни на настанот.

 

Мотото на настанот е „Едно небо за сите деца“, а на сите нив Општина Прилеп им подели Новогодишни и Божикни пакетчиња.

 

„Под мотото „Едно небо за сите деца“ да го честитаме овој празник, овој голем ден и да се радуваме на него“, изјави Александра Северкоска Стојаноски, извршен директор на „Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот“.

 

„И се во оваа година да оди и да биде во духот на еднаквоста и хуманоста“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Престижното признание за општетствена одговорност „Орден Носител на Мирот“ оваа година го доби генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

 

„Ние сме од првиот ден со „Детската Амбасада За Сите Деца Во Светот“, се трудиме колку што може да помагаме тука и на други места и за понатаму оваа награда ќе биде наш поттик за уште повеќе да бидеме активни на ова поле“, вели Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“.

 

Божикниот ручек го благослови Митрополитот Преспанско-Пелагониски, Владиката Петар.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи