По сторијата која предизвика лавина реакции во јавноста и социјалните мрежи за Драган Спасески од Прилеп, бранител заборавен од државата, на кого му претстои опасност да му ја пресечат ногата бидејќи нема пари за лекување, и кој заедно со сопругата живеат само со 1.900 денари месечно, денеска нив ги посети националниот координатор за бранителите, Стојанче Ангелов, градоначалникот на Општина Прилеп и повеќе институции. Според Ангелов ќе се правела евиденција колку бранители се наоѓаат во слична состојба за да можело навреме да се реагира.
„Затоа како Влада апелираме до сите бранители кој што се наоѓаат во ваква или друга тешка положба или имаат било какви проблеми слободно да се обратат до националниот координатор и ќе се обидеме на секој можен начин да помогнеме при решавањето на нивните проблеми“, истакна Стојанче Ангелов, национален координатор за бранителите.
Од Општина Прилеп пак на Спасески им ветија дека ќе им дадат еднократна парична помош, и дека ќе им го решат проблемот со тоа што немата 5 години струја, а ќе им помогнеле и со дрва за огрев.
„Ќе организираме уште денес или утре пациентот Драган Спасески да биде однесен во општата болница во Прилеп каде што се надевам дека ќе биде хоспитализиран и ќе се овозможи негово лекување“, рече Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Лекарите од Здравствениот дом и денес му направија преглед.
„И се договоривме во наредните деновии доколку има потреба секојдневно да доаѓа екипата и да биде под нивни надзор“, изјави Оливера Аџиоска, директор на Здравтсвен дом Прилеп.
Од Центарот за социјална работа приизнаваат дека не се живее со помош од 1.900 денари месечно. Но се надевале дека со новиот закон тоа ќе се сменело. Упатија и апел до децата на Спасески и тие да помогнат колку можат.
„Она што новата законска регулатива која се надевам дека во воој месец ќе биде затворена ќе даде можност износот повеќе кратно да се зголеми и со самото тоа се релаксира нивниот социјален проблем“, вели Живко Силјаноски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.
Спасески пак ги повтори своите основни барања.
„Најмногу ме мачи тоа што немам струја и сакам да добијам барем една пензиичка за тоа што работев 15 години“, кажа Драган Спасески.
Спасески се надева дека државата ќе му помогне со некоја постојана помош, а не со еднократни акции кои само моментално ќе ја ублажат неговата состојба.