Вработените во Еурокомпозит заедно со поранешните вработени во фабриката кои заминаа како технолошкии виишок денеска повторно одржаа мирен протест пред фабриката. Вработените за 4 месеци имале земено само 8.000 денари плата, а додека тие кои заминале како технолошки вишок од ветениите 90-тина илјада денари отпремнина, добиле само 25.000 денари. Велат дека и директорот и Владата со месеци ги лажат за тоа кога ќе си ги добијат парите. Затоа одлучиле дефинитивно во понеделник да заминат на нов протест пред Влада во Скопје.
„На 25 декември требаше да даде плата, еве дојде 25 јануари, само одолговлекува. Вели Владата требало да одлучи на седница, не знам што. Ние сме излажани и изманипулирани. Бидејќи директорот е тука, јас имам еден апел до него, да собере храброст, да излези овде и да им кажи на сите вработени која е вистината. Ние планираме понеделник, заедно со вработените и пензионерите, да одиме во Скопје пред Влада. За опремнината, за придонесите и за неисплатените плати, да видиме ако не примат во Влада. Се надеваме дека ќе не примат, нас не ни преостанува ништо друго, тоа е единствена шанса ако може да го решиме овој проблем“, вели Пеце Вељаноски, технолошки вишок.
Вработените обвинија дека иако фирмата нема пари за да ги исплати сегашните вработени, имало и нови вработувања. Се сомневаат дека дел од администрацијата во фирмата зема пари.
„Лагите и понатаму продолжуваат. Последна средба со директорот имав вчера, ми кажа дека во вторникот на Влада не поминале наводно тие пари кои што треба да бидат префрлени во нашава фабрика, затоа што министерот Оливер Спасовски не бил присутен во државава. Кога ќе се врати Оливер Спасовски, кога ќе ги префрлат тие пари не знаеме. Сега повторно не лажат, повторно ни ветуваат дека наредниот вторник повторно ќе имале седница на Влада и за до наредниот петок да земиме плата. Нашите вработени се на работните места, ги лажеа дека до денес ќе земат плата, сега се во моментов разочарани и најверојатно од понеделник и тие ни се приклучуваат и продолжуваме со штрајк и одење пред влада. Во меѓувреме се вработуваат повторно други надворешни директори. Претседателот на управниот одбор си вработува негови лични роднини, еден од неговите роднини е директор на производство. Сопругот на таа директорка на производство е управител на композитна опрема од пред неколку дена. Само такви вработувања има, а работнициве страдаат за леб“, кажа Роберт Богданоски, претседател на синдикатот.
Вработените се крајно разочарачи од државните органи и велат дека се чувствуваат како да се отпишани од секаде. Никој не сакал да им помогне.
„Причината за собирањето на овие отпишани луѓе, јас ги рачунам отпишани затоа што нас не нè рачунаат ни како граѓани на оваа република. Освен законот што го донесоа, му благодариме на господинот Анѓушев, ама тие пари ќе ги земиме дури во март. Ако мисли дека може да преживееме 4-5 месеци без пари, секоја му чест. Јас мислам дека ние сме отпишани. Упорно праќаме писма, бараме прием, направивме координативно тело бидејќи повеќе не сме членови на синдикат, бараме прием со писма, со телефонски повици до претседателот на управен одбор, но немаат слух за нас. Не знам зошто. И немам друго решение ние освен да почнеме со тие непопуларни мерки како блокади на патишта и блокада пред Влада. Не ни преостанува ништо друго“, додаде Цветан Бунтески, технолошки вишок.