ВИДЕО – Прилеп урива рекорди по аеро загаденост на светско ниво, локалната самоуправа вели станицата е во тест период

Прилеп урива рекорди по аеро загаденост на светско ниво. Според резултатите на новата мерна станица синоќа Прилеп можеби беше најзагадениот град во светот со катастрофални резултати, 1.611 микрограми ПМ 10 честички по метар кубен. Досега ова е најголемата измерена количина на ПМ 10 во Македонија, а можеби и пошироко. Социјалните мрежи вриеја синоќа, граѓаните се во паника како ова загадување ќе влијае во врз нивното здравје. Бараат превземање итни мерки.

 

 

„Воздухот е загаден, тоа се чувствува, смрди на чад, пече на очите и многу тешко се диши особено навечер“, велат прилепчани.

 

Градоначалникот Илија Јованоски признава дека овие резултати се премногу високи, но вели дека станицата ќе била во фаза на тестирање до крајот на март. Јованоски најавија дека Прилеп веќе станал дел од пилот проектот на компанијата Инфо Проект која преку грант од Светска банка во Прилеп ќе постави од 20 до 30 мерни станици во градот. Се додека не се утврдело кои се најголемите загадувачи и што загадува, не можело ништо да се превземе.

 

„Оваа мерна станица сега е пробна и служи само за тестирање. Таа не е калибрирана. Со тие 20 до 30 мерни станици што ќе бидат поставени ќе знаеме во одреден временски период колкаво е загадувањето на воздухот во целата Општина, затоа што тоа ни е основа за да се започне со решавање на проблемот со загадувањето. Според експертите за загадувањето не се виновни само домаќинствата и затоплувањето со согорување на дрвата, јаглен и други материјали како пластики и горење на гуми, туку и големите мермерни комбинати и компании кои експлоатираат мермер и гранит и нивната работа доведува до зголемување на ПМ 10 честичките. Прво треба да утврдиме колкава е загаденоста, кои се загадувачите, па потоа да превземаме мерки. Додека е оваа станица за тестирање во овие 90 дена ништо не можеме да направиме и да превземаме такви мерки затоа што немаме релевантни податоци“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

За експертите пак иако неофицијални, резултатите на мерната станица се приближно точни и нема да бидат многу поразлични кога ќе станат официјални. При ваква ситуација во европските држави се воведувало еден вид на вонредна состојба.

 

„Штетни материи имаме не само од согорување на дрвата. За жал поради социоекономските проблеми во Прилеп се согорува и гума, пластика и други најразлични отпадоци.  Исто така битно е да се знае дека при ваква загаденост не може да се врши проветрување на становите. А тоа значи зголемување на внатрешната загаденост на воздухот, која што е уште поопасна од надворешната загаденост. Бидејќи надвор не мора да излегуваме, но некаде мора да седиме. Ваквата загаденост на воздухот е многу опасна, во Европа ако дојде до неа се прекинуваат редовните емисии на локалните радио и тв станици и се информира населението што треба да превземе. Значи еден вид на вонредна состојба. Инспекторатот за животна средина да води сметка од каде доаѓа најголемата загаденост во Прилеп, барем тоа може да го направи“, потенцираше Миле Грданоски, машински инжинер, термоенергетичар.

 

Уште пострашно е тоа што загаденоста не е од вчера, туку се случувала со години, а прилепчани дознаваат дури откако се постави мерната станица. Затоа граѓаните бараат превземање итни мерки без никакви оправдувања.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.